„l’Italiano verro“: Италија се прости од легендарниот Тото Кутуњо

Стотици обожаватели денес се собраа во миланската базилика Свети Нереј и Ахил, каде што беше одржана погребната миса за светски познатиот италијански кантавтор и пејач Тото Кутуњо кој по долго и тешко боледување почина на 80-годишна возраст во Милано.

Насобраните обожаватели со долги аплаузи го поздравија ковчегот со телото на познатиот кантавтор и пејач, а на влезот во црквата музичари со усна хармоника и гитара ја изведоа најпознатата песна на Кутуњо, „Вистински Италијанец“ (l’Italiano verro). која стана национална химна во 1980-тите, потсетува торинскиот дневен весник „Стампа“.

„Тото остави прекрасен белег во светот на музиката, не живееше залудно бидејќи зад него остануваат добрината и убавината на неговите композиции“, рече дон Џанлуиџи Панчери, парохиски свештеник на базиликата.

Во својот говор тој потсети на поврзаноста на пејачот со парохијата каде што како млад свиреше на оргули, а подоцна и се ожени со сопругата Карла на 4 октомври 1971 година во базиликата Свети Нереј и Ахил.

Кутуњо самостојната кариера ја започнал на почетокот на осумдесетити, и од тогаш продолжил да ниже успеси. Тото победи на фестивалот во Санремо, во 1980 година со песната „Соло нои“, а потоа шест пати го зазема второто место. Тој вкупно, на овој престижен фестивал учествувал дури 15 пати.

Меѓу најголемите успеси на познатиот музичар е песната „L’Italiano“, која стана вистински светски хит и своевремено беше најслушана во Италија и Швајцарија и Франција. Оваа песна е преведена на многу јазици и се смета за симбол на италијанската култура и идентитет.

Тото Кутуњо ја претставуваше Италија на Изборот за песна на Евровизија во 1990 година, во загрепската сала „Ватрослав Лисински“, со неговата песна „Insieme: 1992“, каде што победи со освоени 149 бодови, а тоа беше втора победа за земјата по Џиљола Чинкети во 1964 година во Копенхаген.

Се проценува дека има продадено повеќе од 100 милиони плочи и може да се пофали со голем број обожаватели ширум светот.

Меѓу другото, Тото беше домаќин и на неколку телевизиски програми, меѓу кои најпознати се „Piacere Raiuno“ и „Domenica In“.

Во 2007 година, во болница „Сан Рафаеле“ во Милано, пејачот беше опериран од малигнен тумор на простатата. Здравствената состојба на Тото во последните години се влошуваше. Тој во една пригода кажа дека му го извадиле десниот бубрег, па дека не може долго да стои на настапите.

Зад себе ги остави сопругата Карла и 28-годишниот син Нико.

Поврзани објави
Total
0
Share