3 Мај-Меѓународен ден на слободата на медиумите

Со скок од 19 места и позиционирање на 38-то место, според минатогодишниот извештај на Репортери без граници, но и со плати под просечните, небезбедни услови за работа и случаи на закани и насилство врз новинарите, Северна Македонија денеска го одбележува 3 Мај, Денот на слободата на медиумите.Дали ќе ја задржи 38 позиција и ќе оди нагоре или надолу ќе покаже новиот извештај, но иако во сите релевантни меѓународни мерења е забележан одреден напредок во медиумската сфера, сепак забелешките и загриженоста циркулираат околу високата корупција и неефикасниот правосуден систем, кои продираат во сите општествени сфери, па така го дестабилизираат и амбиентот на целокупното функционирање на медиумите.Репортери без граници лани ја рангираше земјава на 38 позиција од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите и таа стана најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96). Но сепак „Репортери без граници“ забележа дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Беше потенцирано и дека продолжува и тенденцијата владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.Во однос на политичкиот контекст Репортери без граници лани напомена дека целокупната средина останува поволна за слободата на медиумите и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, забележува Репортери брз граници, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Во извештајот беше наведено и двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создале паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание, а оценија дека јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност.Стејт департментот, пак во Извештајот за состојбата за човековите права за 2023 година нотираше ограничена слобода на изразувањето за Северна Македонија, која била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостиг на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми и самоцензура.Извештајот на Стејт департментот се осврна и на законската регулатива која може да ја влоши медиумската корупција, односно стравувањата на новинарските здруженија во врска со измените со кои се враќаат државните кампањи во медиумите.Европската комисија, пак во последниот извештај за напредокот на земјава, оцени дека таа се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност во однос на слободата на изразување. Општо гледано, има направено ограничен напредок, општиот контекст е погоден за медиумската слобода и дозволува критичко известување од страна на медиумите. Измените во Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата го зголемиле степенот на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашување на новинари, нотира ЕК.

Поврзани објави
Total
0
Share