Џафери од настанот 60 години Уставен суд: Слободата на изразување на мислата е темел на демократскиот свет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се обрати на Меѓународната конференција по повод 60 години Уставен суд, организирана од Уставниот суд на Република Северна Македонија, на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Џафери:

„Почитуван претседател на Собранието, г. Митрески,
Почитувани пратеници,
Претставници на Владата,
Почитувана претседателке на Уставниот суд,
Почитуван шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал,
Почитувани екселенции,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,

„Државата постои во корист на добриот живот на граѓаните, а не само во корист на животот“ рекол мудриот филозоф Аристотел, и тоа е само едно од многуте толкувања низ историјата, во однос на неопходноста од воспоставувањето на функционален државен систем.

Ако се земе предвид дека државниот систем се темели на законите, а Уставниот суд ги има најзначајните улоги во него – заштита на човековите слободи и права и заштита на уставноста и законитоста – тогаш, во овој голем, 60-годишен јубилеј на Уставниот суд, ќе препознаеме големо значење и за граѓаните, и за државата.

Во актуелниот контекст, современиот демократски свет во Уставниот суд гледа посебно заштитник на највисоките цивилизациски вредности: слободата на јавно изразување на мислата како универзално човеково право и на можноста за уставно-судска заштита на ова право, што е и тема на денешната конференција. Историските корени се наоѓаат во демократските истории на Европа и на САД.

Основата на еднаквоста во слободите и правата на сите луѓе е токму правото на слобода на изразување, што е клучно и за медиумите, како заштитници на јавниот интерес. И, фактот што само во првите два месеца од оваа година, Уставниот суд на Република Северна Македонија утврди повреди на слободата на мислата и јавното изразување во правосудна процедура кај двајца новинари, е нешто на што треба да се обрне внимание.

Правото на изразување на мислата е темел на демократскиот свет повеќе од кога било, и тоа мора да е достапно и реално за сите наши граѓани, без оглед кои се, што работат или каде припаѓаат.

Почитувани присутни,

Не секогаш низ историјата, па и во современо време, било исто. Но денес, посебно со зацврстувањето на меѓународната позиција на Република Северна Македонија и евроатлантските перспективи на државата, може да се види како тоа се одразува и во делот на институционалната заштита на клучните демократски права.

Република Северна Македонија се етаблираше како пример за успешна мултиетничка демократија, којашто применува европски вредности, посебно во делот на правата и еднаквоста, што денес се потврдуваат како стожер на мирот.

Сепак, важно е да се продолжи со процесот на реформи, за Уставниот суд да биде поставен согласно стратешките определби на нашата земја. Односно, потребни се суштински реформи во однос на начинот на именување на уставните судии и законско уредување на нивните надлежности.

Денес, Уставниот суд работи слободно, согласно личните, професионалните капацитети и интегритет на членовите, но како држава, добро е да се осигура системско решение до кое би се дошло низ стручна анализа и консултација со сите релевантни страни. Затоа што, иако не е орган на судската власт и во рамките на уставниот систем се наоѓа надвор од системот на правосудството, сепак, Уставниот суд, може и треба да има клучна улога во заштитата на човековите права и владеењето на правото.

Првиот Устав, како највисок правен акт на државата кој се донесе по независноста во 1991-та година, претрпел 8 измени со 36 амандмани. Тоа е одраз на демократскиот развој на државата и граѓаните во него со право гледаат и бараат да биде заштитник на врвните придобивки на демократијата. И тука нема ништо спорно. Праксата покажува дека во некои европски држави, и тоа со многу поразвиени демократии, уставните измени се чести и дури се случуваат скоро секоја година. Затоа што е жива материја, и затоа што мораме да чекориме рамо до рамо со тој демократски свет за да обезбедиме реален напредок.  

Ги унапредуваме сите права и слободи загарантирани со Уставот, и тоа не го правиме поради кој било друг, туку поради нас самите. Затоа што нам, кои се покажавме како успешен модел на Европа во мало и како такви сме и потребни на големата Европа, така и ни доликува да се развиваме. За стремежот до 2030 година да станеме дел од европското семејство на демократски развиени народи и држави да стане реалност.

Следниот исчекор во евроинтеграциите ни е неопходен пред сѐ дома, за воспоставување на ефективно владеење на правото. Првиот кластер во преговарачкиот процес е „Темелни вредности“ што се однесува токму на човековите права и правосудниот систем.

Како Влада сме цврсто определени кон реализацијата на европската цел и затоа е веќе и усвоена Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028), како стратешки документ, со Акциски план. Во неа, предвидена е Приоритетната област 4: Реформа на Уставниот суд.

Знам дека не постои совршен модел на држава, тоа никој не успеал целосно да го воспостави до ден денес. Меѓутоа, важни се заложбите, бидејќи целите напред се подвижна категорија, и токму заложбите се движечката сила на општествата во коишто живееме.

Почитувани присутни,

Ми беше чест да се обратам на оваа Меѓународна конференција по повод 60-годишниот јубилеј. Верувам дека ќе бидете охрабрени уште посилно да придонесете во унапредувањето на основните слободи и права, загарантирани со меѓународните декларации како и со Уставот на Република Северна Македонија.

Ви благодарам за вниманието!“

Поврзани објави
Total
0
Share