Шокаровски : Постои тренд на намалување, а не зголемување на смртноста на Кардиохирургија

Разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, Марјан Шокаровски на денешната прес-конференција излезе со неколку прашања, меѓу кои и дали има оркестриран напад против Клиниката и со тоа напад на јавното здравство.

-Која е потребата на министерот во заминување (Илир Демири) да направи едно вакво тектонско пореметување на една успешна приказна? Министерот во заминување под објаснување дека се грижи за одговорно работење, ја крие намера да се дискредитира и наруши угледот на Клиниката. Сите бројки и заклучоци кои ги изнесоа извесни одредени медиуми се неточни и шпекулативни, истакна д-р Шокаровски.

Според него, членовите на Комисијата кои се назначени од министерот да ја анализираат работата на Кардиохирургија и да ги толкуваат бројките за смртност се „доктори кои немаат никаков контакт со вакви пациенти, ниту практично искуство во кардиохирургијата“.

-Еден од членовите на Комисијата беше противкандидат за директор на Клиниката пред шест месеци. Постои наука во медицината која се вика медицинска статистика и таа е релевантна област која може и треба да ги даде процентите. Тоа што слушнавте од одредени медиуми е селективно и комплетно мешање на бројки и дијагнози, во временски периоди како што им одговарало, со цел да се прикажат се полоши резултати и посензионационалистички резултати. На пример во јули 2023 објавено е дека се оперирани 12 пациенти – податокот не е точен, оперирани се 22 пациенти. За август 2023, податокот е дека се 11, а оперирани се 14 пациенти, за октомври податокот е дека се 8, а оперирани се всушност 16 пациенти. Очигледно изворот на податоци ги довел до слобода и им дал погрешни бројки, а тие не се потрудиле да ја слушнат другата страна, кажа Шокаровски во презентацијата пред медиумите.

Докторот е дециден дека не се зголемила смртноста на Клиниката откако тој ја предводи од раководната позиција.

-Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста, туку зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20%. Постои тренд на намалување на смртноста. Последните пет месеци покажуваат дека смртноста е пониска од предвидената, односно од параметарот „Евроскор 2“, односно подобри сме од она што се очекува, потенцира Шокаровски.

Министерот за здравство пред два дена рече дека за разрешувањето на Шокаровски има две причини. Според податоците што стигнале до него, како што рече, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка Демири вели дека може да ја промени и вредноста на исходот.

Другата причина за разрешување на директорот, според Демири, се крајно нарушените меѓучовечки односи во таа институција.

Министерот смета дека нов директор треба да биде експерт што ќе дојде однадвор.

Поврзани објави
Total
0
Share