Цврста поддршка на Украина по неоправданата руска агресија- телефонски разговор на Силјановска со Зеленски

Од кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давковa соопштија дека таа денеска остварила телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

-Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици, се нагласува во соопштението.

Двајцата соговорници размениле мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина. Зеленски ја поканил Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.

Зеленски на социјалната мрежа објави пост на украински и на англиски во кој посочува дека и го честитал изборот на новата претседателка.

,,И го честитав изборот на функцијата и и посакав плодна работа. Ви благодариме за потврдата за учество на Самитот за мир. Разговаравме и за нашата  билатерална соработка. Ќе ми биде драго да ја видам г-ѓата претседателка, во Украина за дополнително зајакнување на односите меѓу нашите држави, напиша украинскиот претседател.

Од кабинетот на Силјановска потенцираа дека “за време на разговорот беа нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес. Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Зеленски ја реафирмираа посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.”

Објавена е и фотографија од телефонскиот разговор кој Сиљановска Давковa го реализирала од Рим, за време на нејзината посета на Италија и Ватикан,што е прва посета во странство на новата претседателка.

Поврзани објави
Total
0
Share