Хоспитализирани пет деца, нови 50 случаи на голема кашлица од 1 до 7 март

Од 1 до 7 март, пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 43, а пријавени се случаи во Тетово – три, по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен синоќа.

Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.

Возраста на заболените се движи до 40 години, а најголем број случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.

– Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, со инциденца од 9,4/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 151 или 87,3 отсто во дванаесет различни општини, осум се од Тетово, пет живеат во Куманово, во Гостивар два и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од еден месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до четири години, односно 27 случаи или 15,6 проценти припаѓаат на возрасната група под една година, а 22 или 12,7 отсто се деца на возраст од една до четири години, а во возрасната група од 10 до 14 години се пријавени 43 случаи или 24,9 проценти, пишува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број регистрирани случаи – 173, 102 случаи или 58,0 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 11,9 години.

Од заболените, 33 лица се хоспитализирани или 19,0 проценти и тоа 28 или 84,8 отсто од нив на возраст до четири години.

– Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација, се истакнува во извештајот на ИЈЗ.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација – Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар, било утврдено дека се пронајдени 13.593 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив, вакцинирани биле 5.756 или 42,3 отсто. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 2.879 или 50,0 проценти.

– Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 8.330 деца на возраст до седум години, а најголем број и процент – 5.066 – 60,8 отсто од вакцинираните деца примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 7 март изнесува 14.086, појаснуваат од ИЈЗ.

Во државава, без Скопје, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.394 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 2.560 или 34,6 проценти. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 1.225 или 47,9 отсто.

– Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 8.545 деца на возраст до седум години, а најголем број и процент – 4.018 или 47,0 проценти од вакцинираните примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација – прва, втора, трета доза или ревакцинација – прва, втора ревакцина, во периодот од 18 јануари до 7 март изнесува 11.105, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Поврзани објави
Total
0
Share