Техничкиот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ синоќа изјави дека во тек се прелиминарни разговори со десничарското „Татковинско движење“ за формирање парламентарно мнозинство и рече дека тој ќе формира нова влада, а не опозицијата предводена од Социјалдемократската партија (СДП).
Тој оцени дека СДП е губитник на изборите, а нивниот кандидат за премиер, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ е прекршител на уставот.
Тој повтори дека во тек се прелиминарни разговори со Татковинското движење (ДП) и дека веќе разговарале со пратениците на националните малцинства, со кои ХДЗ и досега соработувала во владата.
На прашање за соработка со ДП, партија која пред парламентарните избори остро ја критикуваше ХДЗ, Пленковиќ одговори дека „пред избори е едно, а по избори друго“.
Коментирајќи го ставот на ДП дека нема да коалицира со СДСС, партијата која освои три пратенички места резервирани за српското национално малцинство, тој одговори дека ХДЗ и ДП се само во фаза на прелиминарни разговори.
Тој рече и дека „од инает ќе формира 76 (мнозинство)“.
По повод изборите за Европскиот парламент во јуни, Пленковиќ изјави дека ХДЗ денеска ќе ја достави својата листа и оти тој ќе биде носител.