Фон дер Лајен: Мнозинството Европејци на изборите покажаа дека сакаат силна Европа 

Кандидатот на Европската народна партија и актуелна претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е уверена дека ќе добие нов мандат и потребното мнозинство во новоизбраниот Европски парламент.

Во изјавата по објавувањето на првичните резултати за Европскиот парламент, таа изрази задоволство од успехот на Европската народна партија (ЕПП), која и натаму останува со најмногу претставници и како што рече Фон дер Лајен „сидро на стабилноста“.

„Овие избори ни испратија две пораки, првата е дека сè уште има центристичко мнозинство за силна Европа и тоа е клучно за стабилноста. Но, точно е и дека екстремистите од лево и од десно добија поголема поддршка на европските изборите, но партиите на центарот го задржаа мнозинството и затоа овој резултат бара уште поголема одговорност на партиите од центарот“,рече Фон дер Лајен.

Таа најави дека од денеска ќе започне разговори со Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за продолжување на изградбата на „конструктивниот и докажан однос“. Таа рече дека секој кој е проевропски, кој ја поддржува Украина и владеењето на правото е добредојден.

Првичните резултати од евроизборите објавени на веб-страницата на Европскиот парламент врз основа на излезните анкети во дел од земјите од ЕУ покажуваат дека десничарската Европска народна партија (ЕПП) освои најмногу гласови на изборите за европратеници и ќе остане најбројна политичка групација во Европскиот парламент. Според првичните проекции на бројот на освоени мандати, ЕПП предничи со 184, пред Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници.

Поврзани објави
Total
0
Share