Усвоените приговори во ДИК недоволни за промена на мандатите

Државната изборна комисија вчера на јавна седница усвои вкупно четири приговори, со што го поништи гласањето на четири избирачки места за парламентарните избори на 8 мај. Но според бројот на гласачите на тие места тоа, засега е недоволно за да се промени бројот на мандатите.

Два приговори на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за Крушево беа усвоени, како и еден за Охрид. ДИК прифати приговор на коалицијата „Вреди“ во општина Желино.

Крушево и Охрид се во Изборната единица 5 и во неа СДСМ за 109 гласа го загуби четвртиот мандат, кој замина во „Европскиот фронт“ на ДУИ. Со тој пресврт во последниот момент на броењето пратеник стана Исамил Јахоски од Пласница (сопственикот на „Пуцко петрол“).

Во Општина Крушево поништено е гласањето на избирачкото место 1194 во селото Бучин, каде што ВМРО-ДПМНЕ доби 268, а СДСМ 84 гласови. Гласањето е поништено и во селото Јакреново каде СДСМ има 56 гласови, ВМРО – 0, а „Европскиот фронт“ 38.

Во Охрид поништено е гласањето на избирачкото место 1272 во Општата болница. Таму ВМРО-ДПМНЕ добил 236 гласови, а СДСМ 89.

Во Желино (ИЕ 6) поништено е гласањето на избирачкото место 2102 во селото Мерово, каде ДУИ добила 196 гласови, а коалицијата „Вреди“ 126.

Но има уште приговори за разгледување. До ДИК вкупно беа поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Поврзани објави
Total
0
Share