Украинците престојуваат како туристи во РСМ, децата следат настава онлајн од Украина

Македонија е една од земјите која, со почнувањето на војната во Украина, ги отвори вратите за бегалците од Украина. Меѓутоа, Украинците кои престојуваат тука, не се пријавуваат како бегалци, туку престојуваат со туристичка виза, или со дозвола за престој од хуманитарни причини.

Така што, тие немаат право да ги користат услугите кои ги имаат барателите на азил или бегалците, како на пример здравствени услуги, бесплатна правна помош, или пак децата немаат право да следат настава тука.


Претседателот на Здружението на Украинците во Македонија, Олександр Урбанович вели дека во Македонија, украинските бегалци можат да престојуваат како туристи 90 дена или имаат дозвола за престој од хуманитарни причини која им дозволува да престојуваат тука една година со можност за продолжување.

“Со таков статус лани имало 365 луѓе, за оваа година немам податок. Престојуваат кај пријатели, роднини или под кирија. Правен третман има само за тие што извадиле дозвола за привремен престој од хуманитарни причини”, вели Урбанович.
Наталија е една од бегалците од Украина што претстојува во земја, но нема правен статус на бегалец или барател на азил.


“Јас не сум регистрирана како бегалец, бидејќи планираме да се враќаме назад, имам само ИД по хуманитарни причини, со него можам само да живеам во државата, немам ни здравствено, ни дозвола за работа, вели таа, која што има дете што оди во градинка во Скопје.

Што се однесува на другите ученици од Украина, Урбанович вели дека сите деца следат онлајн настава од Украина, бидејќи планираат да де вратат после војна во Украина.

Согласно Уставот на Република Северна Македонија, секој има право на образование и образованието е достапно секому под еднакви услови, а бидејќи Македонија е земја потписник на ратификацијата на Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година, таа се обврзува да им даде на бегалците еднаков третман како на своите граѓани во однос на пристапот до основното образование.

Според директорот на Прифатниот центар за баратели на азил-Скопје, Владимир Бислимовски, сите деца, кои што се во основно образование, се запишуваат овде во училиште и следат настава заедно со децата коишто се од нашата земја.
“Одат во локалното училиште во Визбегово. Имаме ангажирано учителка, којашто ги учи на македонски јазик, кадешто го учат јазикот. Исто така, кога се работи за деца, имаат обврска да им помагаат околу изготвување на домашните задачи. Од прилика, две години, сите деца коишто се дојдени во прифатниот центар се запишани во училиште и на крајот на училишната година имаат можност да добијат свидителства, како и нашите деца за завршено одделение“, потенцира тој.


Во прифатниот центар моментално нема деца што одат на училиште. Но, според податоците на Министерството за труд и социјална политика, во моментов само три дечиња редовно се вклучени во образовниот систем, 1 од Сирија и 2 од Конго.
“Во поглед на горе споменатите дечиња наставата за нив се реализира на македонски јазик, имајќи предвид дека истите се веќе неколку години во државата, а во минатото беа реализирани неколку курсеви за изучување на македонскиот јазик, како за децата така и за нивните родители. Воедно 2 од овие дечиња беа вклучени и во предучилишните активности (беа запишани во градинка). Согласно Законот за заштита на децата, во детската градинка активностите се изведуваат на македонски јазик и кирилско писмо. За децата на припадниците на другите заедници воспитно-образовните активности во детските градинки се изведуваат на јазикот на соодветната заедница за група деца, согласно со одредбите од овој закон“, истакнуваат од МТСП.

Инаку, пред неколку години, земјава донесе и нова предлог-нацрт стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027, која дава осврт и на образованието на бегалците.

Новата предлог-стратегија определува дека образованието и изучувањето на јазикот ќе бидат на врвот на приоритетите. Во таа насока, Министерството за образование и наука треба да подготви наставни програми за изучување на македонскиот јазик како и да ја сертифицира програмата за различни нивоа на владеење на јазикот што ќе бидат признати во рамки на системот на образование и системот на стручна обука во Македонија, како и формално да издаде задолжувања за нивно спроведување и да ги сертифицира препорачаните даватели на услугите.

Теута Бучи

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од УНХЦР и други агенции на ОН. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и другите агенциите на ОН.

 

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share