Таравари ќе побара Македонија да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“

Кандидатот за претседател, Арбен Таравари вчера соопшти дека во случај на негов избор за шеф на државата ќе му предложи на Собранието излез од иницијативата „Отворен Балкан“. Таравари ова го изјави при претставувањето на четирите главни столбови на неговата платформа како претседателски кандидат.

„Врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието итно повлекување на Северна Македонија од иницијативата Отворен Балкан“, кажа кандидатот на коалицијата „ВРЕДИ“.

Тој посочи дека ќе се заложи за целосно усогласување на надворешната политика на Северна Македонија со политиката на Европската Унија, особено во однос на санкциите на ЕУ кон Русија.

Исто така ќе побара од Собранието да се донесе законодавен пакет за целосна реформа на судскиот систем и обвинителството, со закон за ветинг на судиите и обвинителите, реформа на изборниот систем, унапредување и дисциплинирање на судиите и јавните обвинители и целосна дигитализација на судовите, а ќе се ангажира и за поништување на измените во Кривичниот законик од минатата година.

Таравари ја претстави програмата која, како што рече, почива на четири главни столба: Македонија интегрирана во регионот и во Европа, Македонија произведувач на безбедност, Македонија како правна држава и Македонија како консензуална демократија.

Поврзани објави
Total
0
Share