Столтенберг: Присуството на КФОР во Косово е клучот за стабилноста на регионот

Press Conference NATO Secretary General Jens Stoltenberg

Присуството на мисијата на НАТО КФОР на Косово и натаму е клучно за стабилноста на регионот, се наведува во годишниот извештај на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги опфаќа сите аспекти од работата на Алијансата во претходната година.

„Во 2023 година, Кфор одигра клучна улога во обезбедувањето стабилност на Косово, во услови на зголемени тензии и нестабилност на северот. По насилството во мај и септември, сојузниците распоредија околу 1.000 лица во мисијата, што претставува најголемо зголемување на војниците во последните десет години“, се наведува во извештајот, пренесува Europe Western Balkans.

Се додава дека зголемувањето на војниците и овозможи на мисијата тројно да го зголеми бројот на патроли и четирикратно да го зголеми присуството на север.

Во извештајот се наведува и дека НАТО го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската унија.

„НАТО останува посветена на поддршката на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската унија. Дијалогот е примарна платформа за постигнување решение кое ги почитува правата на сите заедници и градење одржлив мир, што е во интерес на безбедноста на Косово и стабилноста на целиот регион“, се наведува во годишниот извештај.

Во извештајот се споменува и помошта на НАТО во градењето безбедносни капацитети на Косово, особено логистика, медицинска помош и човечки ресурси.

Ова најверојатно ќе биде последниот годишен извештај што го презентира Столтенберг, бидејќи се очекува сојузниците наскоро да се договорат за назначувањето на неговиот наследник, можеби пред самитот во Вашингтон во јули.

Поврзани објави
Total
0
Share