Столтенберг: За да може БиХ да влезе во НАТО, мора да се спроведат реформи и сите да го сакаат тоа

Босна и Херцеговина е земја која има активиран Акционен план за членство во НАТО (MAP), а за да стане членка мора да се исполнат два услова, а тоа е спроведување на потребните реформи и граѓаните и властите во БиХ да сакаат тоа, изјави тој во понеделникот генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Босна и Херцеговина има статус на земја која го активираше MAP, а целта на MAP е БиХ да стане членка на НАТО“, изјави Столтенберг по средбата со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

За да може една земја да стане членка потребно е да исполни два услова, едниот е реално да се спроведат потребните реформи.

„БиХ треба да продолжи со реформските напори и мислам дека е важно да се разбере дека зајакнувањето на владините институции, зајакнувањето на мултиетничката природа на, на пример, вооружените сили е добро за земјата без оглед на нејзиното членство во НАТО, и ѝ помага на Босна и Херцеговина на нејзиниот пат кон ЕУ“, рече Столтенберг.

„Вториот услов е тоа да го сакаат граѓаните на Босна и Херцеговина и политичките власти. Мораме да разбереме, иако членството не е нешто што ќе се случи утре, дека напорите што се прават за членство ќе ја зајакнат БиХ, ќе ја стабилизираат земјата и ќе помогнат при влезот во ЕУ“, додаде генералниот секретар.

Беќировиќ рече дека огромното мнозинство граѓани на БиХ го поддржуваат членството во НАТО.

„Полноправното членство е еден од стратешките надворешнополитички приоритети на Босна и Херцеговина. Така одлучија државните органи на БиХ и тие одлуки беа изгласани на тој начин што за нив гласаа претставници од двата ентитети и претставниците на сите народи во БиХ. Затоа, имаме многу јасна правна рамка, државните органи на Босна и Херцеговина ги усвоија сите потребни правни, стратешки и концептуални документи во областа на одбраната“, рече Беќировиќ.

Рече и дека ги поддржува проактивните акции на НАТО, вклучително и мерките за одвраќање, како и можното присуство на силите на НАТО во воените бази во Босна и Херцеговина.

Беќировиќ посочи дека Босна и Херцеговина во последните дваесет години работи на приближување до НАТО.

„Сега сме пред вратата на НАТО и треба да ја искористиме оваа шанса за доброто на сите граѓани и народ на БиХ“, рече Беќировиќ и го повика НАТО на неговата земја да и испрати покана за членство.

Генералниот секретар Столтенберг изрази длабока загриженост за „продолжените сецесионистички политики и реториката на поделби“.

„Тоа е непромислено и опасно, го поткопува тешко постигнатиот напредок и ги кочи реформите што би биле од корист за вашите граѓани“, рече Столтенберг.

Додаде дека сите политички лидери мора да работат заедно за зачувување на единството и заштита на националните институции, што е од суштинско значење за мирот и безбедноста во земјата и за стабилноста на Западен Балкан.

Поврзани објави
Total
0
Share