ССМ протестираше пред Врховниот суд: Судиите добија жолт картон

ССМ порача дека правото мора да владее во државата и оти не е работа на синдикатите да се изборат за тоа, но кога мораат – можат и ќе покажат дека правото ќе владее во земјава. Во спротивно најави дека по 1 мај ќе им дадат црвен картон на судиите.

-Чекаме до 1 мај. Доколку влезат во нашиот дом, ќе влеземе во нивните домови. Доколку го земат нашиот дом ќе ги земеме нивните домови. Ние друг избор немаме, отстапка  назад немаме. Ние сме доведени до ѕидот, а до ѕидот се знае што се прави – се гази само напред и само право – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Дојдовме, додаде тој, пред Врховниот суд да им го завртиме грбот на оние судии кои ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом.

-Денеска дојдовме тука само раководствата на синдикатите да им кажеме на овие судии дека време е правото и правдата да победи, дека не може на слободно судско убедување да одземаат имот кој работниците започнале да го градат во 1958 година врз основа на законот од 1998 година. Вакво чудо нема никаде во светот, суд со пресуда на работници кои двоеле од сопствена уста, од лебот, од синдикалната членарина, од нивните плати кои изградиле дом да го одземаат и да го даваат на државата за потоа државата да може да го раскрчми. Ние сме успеале 30 години од 1992 да го зачуваме Работничкиот дом во периодот на транзицијата кога олигархијата, газдите ги грабнаа работничките имоти и работничките фабрики и денеска 30 години после тоа сакаат да го грабнат и Работничкиот дом и на таков начин да го замолчат синдикалното движење – потенцира Трендафилов.

Тој рече дека ваквата пресуда „шефе види што им направив“ ќе предизвика штета на еден куп други организации во државата, почнувајќи од политички партии, од стопански комори, Црвен крст, пензионери, борци и слични организации кои пред 1992 година граделе свои сопствени куќи и свои сопствени домови.

Трендафилов информира и дека 18 април треба да се одржи рочиште во Основниот граѓански суд кој треба само да го препрати предметот во Врховниот суд кој, пак, треба да одлучува по барањето за повторување на постапката со истиот судечки совет кој ја донесе првичната одлука.

-Видоа што се случува изминатите денови, ќе ги прочитаат и новите докази и аргументи кои ги имаме и сметаме дека ќе ја исправат неправдата која ја нанесоа. Имаат доволно време да седнат, да разговараат, да разменат идеи и да ги почитуваат мислењата на оние две судијки кои ги дале како издвоени мислења во целокупната  постапка врз основа на аргументи, а не само на слободно судско уверување и да донесат нова пресуда врз основа на Уставот, законите и меѓународните трудови стандарди. Во спротивно слободното судско убедување ќе стане слободно работничко убедување и ќе ги преземаме истите работи како и тие – рече Трендафилов.

Поврзани објави
Total
0
Share