Српска министерка: Го запревме ширењето на африканската свинска чума

Откако беше откриено ширењето на инфекцијата, во Србија се еутаназирани 38.000 свињи, изјави Танасковиќ за РТС. Министерството и инспекциските служби воспоставија систематска одбрана на големите фарми, што даде резултати, а државата редовно им исплаќа отштета на сопствениците чии свињи се на помалите фарми, додаде министерката.

Таа тврди дека „нема повеќе паника“ меѓу одгледувачите на свињи. Министерката најави дека државата ќе продолжи да ги охрабрува земјоделците со субвенции.

Земјоделските експерти и економисти на крајот на август предупредија дека поради африканската чума во Србија ќе биде уништен најмалку 1,5 отсто од фондот во свињарството и дека увозот на живи грла е за 45 отсто поскап од лани. Најавено е дека сегашното поскапување на свинското месо во Европа за 30 до 40 отсто ќе се одрази и во Србија, иако проценките во колкав процент, не беа прецизирани.

Сточарите и трговците секако ќе ја имаат предвид економската моќ на населението. Цените ќе растат, но ќе бидат на разумно ниво, имајќи го предвид континуираниот пад на куповната моќ на граѓаните во последните шест месеци, изјави Бојан Станиќ од Стопанската комора на Србија. Според полугодишниот пресек на потрошувачките цени во периодот јули 2022 – јули 2023 година, годишната стапка на инфлација во Србија изнесува 12,5 отсто.

Поврзани објави
Total
0
Share