Средба Џафери – Пич: Северна Македонија и Обединетото Кралство, партнери и сојузници посветени на безбедноста низ единство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Лорд Пич, специјален пратеник на Премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за Западен Балкан.

Џафери и Пич ги поздравија одличните билатерални односи меѓу двете земји и изразија очекување дека воспоставената активна динамика на соработка, средби и посети на високо ниво ќе продолжи со несмален интензитет.

Премиерот Џафери изрази задоволство што посетата на Лорд Пич се случува во моменти кога Северна Македонија одбележува 4 години членство во НАТО и во годината кога Алијансата одбележува 75 години постоење.

Притоа, заблагодарувајќи се на досегашната поддршка на Лорд Пич на нашиот евроатлантски пат и потсетувајќи на неговото лично присуство на историскиот момент на подигнување на знамето на Република Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел на 27 март 2020 година, Премиерот ја нагласи одлучноста Северна Македонија да продолжи да биде активна и кредибилна членка на Алијансата, посветена на безбедноста низ единството, како и нашата силна врска со Обединетото Кралство.

Упатувајќи честитки за годишнината од членството во НАТО, Лорд Пич ја истакна посветеноста на Обединетото Кралство да продолжи активно да соработува со Северна Македонија како НАТО сојузник и да продолжи да ја подржува модернизацијата на одбраната.

На средбата се разговараше за актуелни прашања од регионот на Западен Балкан, за предизвиците, можностите и важноста од движење на регионот напред, за безбедноста во Европа во светло на војната во Украина, и соработката меѓу двете земји како партнери и сојузници на тој план.

Поврзани објави
Total
0
Share