Наметнатата промена на личните документи во Македонија се уште е мака за голем дел од граѓаните. Целата операција е прескапа оти треба да го стори целото семејство, некои скоро смениле лични документи, има премногу гужви на шалтерите во МВР, …
А рокот што го наметна МВР – тече. Власта инсистира до февруари идната година сите во документите да го имаме омилениот збор на Владата – „Северна“. Во јавноста се пренесе дека се можни и казни за оние што нема да стигнат до рокот да ги сменат документите. Но, денеска министерот Оливер Спасовски тоа го демантира.
– Во ниту еден случај нема да стане збор за казнување на граѓаните, тоа нема да го направиме, ниту пак да трпат во остварувањето на своите права – изјави Спасовски.
Според него фреквенцијата за промена на лични документи е зголемена и оваа година. Тој посочи дека најфреквентни се месеците јуни, јули и август.
-Како што наближи летниот период, годишните одмори, имаме и зголемена фреквенција. Овие денови малку опаѓа. Во Скопје побарувачката е голема, рече министерот.
Министерот препорача дека најважно е сите оние кои што сакаат да добијат термин, или го добиваат, да го почитуваат истиот, бидејќи, како што рече, изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем.
– Наредниве денови имаме одредени предлози кои што ќе помогнат во релаксирање на целиот тој систем, ако погледнеме, до скоро, околу еден милион граѓани ги смениле своите документи. Значи динамиката е добра, дополни министерот.
Дали ќе има продолжување на рокот како што бараат многу граѓани не беше споменато. А граѓаните инсистираат рокот да се продолжи за уште една до две години, затоа што брзо ваделе и скапо платиле нови лични документи, а сега ги тераат пак да го сторат тоа. Секои негодуваат и поради фактот дека Македонија не почнала преговори со ЕУ што беше услов за да менува лични документи.