Сиљановска-Давкова го почна претседателскиот мандат, реакции за „Македонија“ по инаугурацијата

Државава вчера го доби шестиот претседател и воедно прва претседателка од осамостојувањето – универзитетската професорка по уставно право и политички систем Гордана Сиљановска-Давкова. Петгодишниот мандат таа го почна со свечена заклетва и обраќање во Собранието откако ден претходно од Државната изборна комисија го доби уверението за Претседател по објавените конечни резултати од Претседателските избори 2024.  

По свечената изјава со која се обврза на совесно извршување на должноста, Сиљановска-Давкова одржа говор пред пратениците од досегашниот парламентарен состав, дипломатскиот кор и претставници на политичкиот и општествениот живот.  Нагласи дека ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната припадност по која било основа, ќе го почитува Собранието и ќе се опкружи со стручни и компетентни луѓе и дека ќе направи сѐ за да ја оправда големата доверба добиена со гласовите од над 500 илјади граѓани.

Најголем дел од говорот Сиљановска-Давкова им го посвети на жените затоа што, рече, заради нив и се нафатила да се кандидира сакајќи да ги инспирира „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“. Порача „ако можам јас да бидам претседателката, можете да бидете и вие“ и дека е време за единство „кое може да значи и женска филозофија и женска автентичност“.

Дел од грчките медиуми веднаш објавија коментар „Провокација од Сиљановска“, пренесувајќи го текстот на државната новинска агенција АНА-МПА насловен „Северна Македонија: Гордана Сиљановска положи заклетва како претседателка на земјата, која ја нарече ’Македонија’“.

-Амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софиа Филипиду, која беше поканета на седницата на Собранието за инаугурацијата на Гордана Сиљановска, си замина во знак на протест поради фактот што претседателката за време на нејзината заклетва ја нарече земјата „Македонија“, прекршувајќи го Договорот од Преспа, објави АНА-МПА.

Реагираше и Министерството за надворешни работи на Грција кое соопшти дека „билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“.

Грчкото МНР наведе дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „’Македонија’“.

-Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР, посочувајќи дека грчката Влада, и покрај приговорите што ги искажа како опозиција, го почитува Договорот како ратификуван меѓународен договор, кој надвладува која било друга законска одредба.

Претседателот на грчката опозициска партија СИРИЗА Стефанос Каселакис, пак, на платформата „Х“  го повикува, како што напиша, „новото раководство на Северна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“. Упати и критики до актуелниот грчки премиер во врска со Договорот од Преспа, со оглед на ставот и противењето на Кирјакос Мицотакис во периодот кога беше опозиција. 

И претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку социјалната мрежа Х порача дека Северна Македонија треба да продолжи со пристапувањето во ЕУ преку спроведување на реформите и почитување на склучените договори, меѓу кои и Преспанскиот.

-За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа, напиша Урсула фон дер Лајен. 

Во посебна објава на Х, Фон дер Лајен упати и честитка по повод официјалното стапување на Сиљановска-Давкова на претседателската функција, исто како и Шарл Мишел, претседателот на Советот на ЕУ.

Првите политички реакции во земјава стигнаа од Демократската унија за интеграција и од крилото на Алијанса за Албанците кои се во коалиција со ДУИ во Европскиот фронт, кои оценија дека новата претседателка со заклетвата го прекршила Уставот.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми на прес-конференција во Собранието рече дека „изразуваат жалење што не го спомнала уставното име, дека го прекршила Уставот, повикала на единство, но спомнала само двајца лидери на партии и не кажала ништо за евроинтеграциите“. 

– Беше говор за 8 Март без ништо суштински, ниту се спомна НАТО и членството на Република Северна Македонија во НАТО, како и сите предизвици кои ни претстојат, ниту кажа еден збор за Европската Унија и евроинтеграцискиот процес на земјава со сите предизвици кои не очекуваат. Не кажа ниту збор за негувањето на меѓуетничките односи, ниту за Преспанскиот договор, ниту за Договорот за добрососедство со Република Бугарија, ниту за уставните измени, рече Адеми.

Министерот за правда во техничката Влада Кренар Лога, кој е и генерален секретар на Алијансата на Албанците од крилото на Зијадин Села, пак, во реакција оцени дека Сиљановска-Давкова не го испочитувала уставното име на државата и оти со тоа „нејзината заклетва е ништовна“.

-Непочитувањето на уставното име на државата ја прави ништовна заклетвата на Сиљановска. Или повторување на постапката или  функцијата претседател на државата треба да ја преземе Јован Митревски (претседател на Собрание), како в.д, напиша Лога во соопштение до медиумите.

Поврзани објави
Total
0
Share