СИРИЗА ги достави во грчкиот Парламент меморандумите со Северна Македонија

Во облик на предлог закони, како што и најави вчера, грчката опозициска партија СИРИЗА, во Парламентот ги достави меморандумите со Северна Македонија, донесени по втор пат, откако еднаш веќе беа доставени од актуелната Влада пред нешто помалку од четири години, јави дописничката на МИА од Атина.Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос истакна дека ратификацијата е императив од национален интерес и токму затоа ја покренаа конкретната иницијатива, а трите меморандуми како предлог закони на опозицијата се со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри.Станува збор за меморандуми што се однесуваат на европската перспектива на Северна Македонија, на економската соработка меѓу двете земји и воздушниот надзор.-Владите на Мицотакис веќе пет години систематски негираат промоција и продлабочување на Договорот од Преспа. Договор кој им служи на националниот интерес, но и на мирот, соработката и стабилноста во особено чувствителниот регион на Балканот. Наместо да го промовира Договорот, господинот Мицотакис се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија и комуникациско искористување на националните прашања. Но, доцнењето на ратификувањето на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија претставува опасно назадување, нанесувајќи им штета на интересите на земјата и тоа во време кога меѓународното опкружување станува неизвесно, вели Фамелос.Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје се трите потпишани меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, а сега веќе по втор пат се доставени во грчкиот Парламент. Станува збор за три меѓународни договори, два од Министерството за надворешни работи на Грција, кои беа потпишани за време на првата меѓувладина седница одржана во април 2019 година во Скопје и еден од Министерството за одбрана, потпишан пет месеци подоцна, а во грчкиот Парламент се донесени како предлог закони.

Поврзани објави
Total
0
Share