Синдикатот во Македонска пошта инсистира на нова систематизација, се подготвува за штрајк

Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Поштата, која, како што рече денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

-Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е  да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на  над 200 договорни поштари, рече Велигденов. 

Нам ни е важно, истакна, да не се продолжи со оваа лоша кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата. – Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, укажа Велигденов.

Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките. 

Поврзани објави
Total
0
Share