Силјановска собра 325 000 евра за изборната кампања, Пендаровски 2 400 евра

Актуелниот претседател Стево Пендаровски собра најмалку донации од седуммината претседателски кандидати, откако за него донирале тројца граѓани и една фирма. Вкупно, Пендаровски собра од донации околу 2.400 евра за изборната кампања. Тројцата граѓани донирале по 6.150, 22.687 и 3.075 денари, сите на 22 април, додека правното лице донирало 115.005 денари, според извештаите за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, поднесени на 11. и на 20. ден од изборната кампања до Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Најмногу донации во кампањата собра кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова, околу 325.000 евра. За Силјановска-Давкова донирале 526 физички и едно правно лице, според извештајот доставен до ДЗР.

Кандидатот на ДУИ Бујар Османи собра 69.000 евра, а по него следуваат кандидатот на коалицијата „Вреди“ со 55.000 евра, кандидатката на Левица Билјана Ванковска со речиси 18 илјади евра, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски со 16 илјади евра и кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 12 илјади евра.

Во вториот круг од претседателските избори, на 8 мај ќе се соочат Пендаровски и Силјановска-Давкова. Тие освоија најмногу гласови во првиот круг – Силјановска-Давкова 362 илјади, а Пендаровски 180 илјади.

Поврзани објави
Total
0
Share