Силно невреме го погоди истокот на Америка, најмалку двајца загинати

Голем дел од истокот на Соединетите држави вчера беше погоден од силни бури кои однесоа најмалку два животи, оставија стотици илјади жители без струја и откажаа или одложија илјадници летови.

Предупредувања за опасните временски услови беа испратени до милиони луѓе. Предупредени се за можни торнада, силен дожд и ветрови и град по речиси целиот источен брег на САД, од Алабама до Њујорк.

Националната метеоролошка служба предвидува „умерен ризик“ од опасни бури, со налети до 130 километри на час.

„Внимавајте на времето и проверете дали имате неколку начини да добивате предупредувања“, соопшти Националната метеоролошка служба во Балтимор и Вашингтон претходно во понеделникот.

Иако големата закана од тешки временски услови стивна до доцните вечерни часови, некои области се уште се соочуваат со потенцијални поплави поради дождот.

Националната метеоролошка служба предупреди на поплави во Вашингтон и градовите Арлингтон и Александрија во соседна Вирџинија. Во таа сојузна држава е забележан град со дијаметар до 11,5 сантиметри.

Во Алабама, 28-годишен маж загина во удар на гром на паркинг, јавува локалната станица Еј-би-ес. 15-годишно момче настрада во Јужна Каролина кога го удрило дрво кое паднало пред неговата куќа, јавува локалната Си-Би-Ес.

Утрово речиси 600.000 корисници останаа без струја на источниот брег, од Пенсилванија до Џорџија, покажуваат податоците на страницата PowerOutage.us.

Во понеделникот, повеќе од 1.700 летови беа откажани, а повеќе од 8.000 беа одложени, според FlightAware.

Невремето во источниот дел на САД доаѓа кога голем дел од југот, вклучително и сојузните држави Тексас, Луизијана и Флорида, се под предупредување за топлотен бран.

Поврзани објави
Total
0
Share