Седниците на Уставен суд ќе се пренесуваат во живо

Со пренесување во живо на седниците на Уставниот суд, оживување на атрофираната функција на судот за поведување постапки по сопствена иницијатива, засилен судски активизам, воведување на уставна тужба и уставна жалба и донесување закон кој ќе ја гарантира самостојноста и независноста на уставниот суд, новиот претседател на судот, Дарко Костадиновски ќе ја враќа довербата на граѓаните во институциите и во правниот систем.  За него приоритет над сите приоритети ќе биде враќањето на довербата оти е на историски најниско ново.

,,Како претседател на Уставниот суд имам поставено еден врвен приоритет и неколку предизвици, а кои се неопходни за реализација на тој приоритет. Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност, довербата на граѓаните во институциите и правната држава е на историско најниско ниво”, рече новиот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски на првиот брифинг со новинарите.

Тој посочи дека токму тоа ќе биде неговиот приоритет, враќање на довербата на граѓаните во Уставниот суд и враќање на довербата во правната држава. Но додаде дека нема да дозволи на никого да влијае врз него и врз Судот, бидејќи како што рече тој верува единствено во Уставот и делува според него.

– ,,За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори. Прв чекор е бескомпромисноста во обезбедување на независноста и самостојноста на Уставен суд, како и мојата бескомпромисност во обидите за било какви политички влијанија. Ќе предложам седници на Уставен суд да се снимаат и да се емитуваат во живо. Во други земји не се снимаат и не се пренесуваат во живо, но во тие земји немаме девастирано владеење на правото како кај нас. За да се врати довербата на граѓаните потребни се похрабри и одлучни чекори” , вели Костадиновски.

Новиот претседател истакна дека преку интервенции во Уставот ќе бара измени на Законот за Уставен суд, бидејќи од 1991 кога е донесен првиот Устав, Уставниот суд е најнереформираната институција во државата.

– ,,Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од Актот на Судот. Се поставува прашањето дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува прашањето и дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Со сите релевантни чинители ќе разговара за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување на уставен основ за донесување на закон со кој ќе се операционализираат новите одредби за Уставниот суд. Не треба да биде каков било закон, туку системски, затоа што тоа е начинот со кој ќе се гарантира независноста на судот ” потенцира Костадиновски.

Новиот претседател на Уставниот суд рече дека уставните судии ќе можат да отвораат предмети по сопствена иницијатива. Според него, особено е неопходно да е покаже судски активизам и за секоја одлука за која судиите ќе се посомневаат во уставноста да можат самите да иницираат постапка, а не само како до сега по иницијатива на граѓани.

Поврзани објави
Total
0
Share