СДСМ ќе бира нов претседател во јуни

СДСМ ќе бира нов претседател во јуни. Внатрепартиските избори ќе ги спроведе Централната изборна комисија, по оставката што Димитар Ковачевски ја поднесе на синоќешната седница на Извршниот одбор.

Наредните денови ќе се формираат работни групи „за активна регистрација на членството за гласање на директни избори“.

Според партискиот Статут, потребно е да се направи избирачки список со имињата на сите членови кои добиваат право на глас за ново раководство. Кандидатот за претседател треба да освои мнозинство од вкупниот број членови кои гласале. Ако тоа не се оствари, се оди на втор круг со првите двајца кандидати и победува оној што има најмногу гласови.

Се очекува во трката да се вклучат Јован Деспотовски, Петре Шилегов, Венко Филипче, Славјанка Петровска, Стефан Богоев, но и други.

На изборите ќе им претходи отчетен конгрес. Таму треба да се анализираат најлошите изборни резултати во историјата на партијата: 154 илјади гласови и само 18 пратеници.

При поднесувањето на оставката, Ковачевски побара „обновување на идеолошката и вредносната матрица, силен кадровски потенцијал, вклучување на автентични социјалдемократи  кои целосно ќе ја консолидираат партијата и ќе ја вратат на победничките патеки“. Слични пораки упатија и други членови пред седницата на Извршниот одбор.

СДСМ почна да бира претседател на директни избори наместо на Конгрес од 2021-ва, кога беше изменет партискиот Статут. Во март таа година, за гласање се регистрираа 69 илјади членови, а Зоран Заев беше избран со повеќе од 59 илјади.

Истата година во ноември си поднесе оставка по поразот на локалните избори. На внатрепартиските избори во декември се регистрираа над 44 илјади, а Ковачевски стана претседател со речиси 38 илјади.

Поврзани објави
Total
0
Share