Свечена седница на Владата по повод 4 години од членството во НАТО

 Премиерот Талат Џафери во своето обраќање  се осврна на патот до зачленувањето во НАТО и  посочи дека како држава  активно придонесуваме во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата.

Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор односно, како што рече Џафери, „со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада“.Со членството во Алијансата ние сме дел од најразвиените демократии во светот и сме учесници во зачувување на мирот за над една милијада луѓе, а нашата армија се трансформирала на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“.

 -,,Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место.Горд сум што успеавме да испишеме таква историја.Денес Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан”, рече Џафери.

Премиерот Џафери посочи  дека членството не ни носи само привилегии туку и обврски за јакнење, – да бидеме поотпорни и посилни, и да се носиме со предизвиците кон одбраната што ги носат трендовите.  Спремност за политика на одбрана и одвраќање, која не значи само нова опрема и буџет, туку активно обучување на армиските припадници.Способностите на Армијата цело време се третирани со приоритет, со што се исполнува целта на нејзиното постоење, потенцира  премиерот.

Годишнината од членството во НАТО на свечената седница ја честиташе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент „пред почетокот на агресијата на Русија над Украина“.

-Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции.

Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан, рече Османи, подвлекувајќи го придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и за помош за Украина.

Притоа посочи и на учеството во други мисии на нашата армија и дека сме ги достигнале 2 проценти од БДП како наша задача.

Во однос на јубилејните 75 години од формирањето на НАТО (4 април 1949), шефот на дипломатијата истакна и дека политиката на отворени врати е една од најуспешните политики на Алијансата.

-Сакам да изразам задоволство од зачленувањето на Шведска и Финска, ние не сме веќе најновата членка. Со нивните одбранбени капацитети сигурно ќе се зајакне улогата на НАТО и на сите сојузници.

Но, и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и ЕУ да продолжи со политиката на отворени врати зашто членството во Унијата веќе се гледа, пред се, како безбедносно прашање кое ќе го консолидира регионот и во тој правец, истакна Османи.

 На седницата се обратија и првиот вицепремиер Бојан Маричиќ и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

  Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно-политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share