Реакции во Косово по падот од 19 места на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“: „Алармантен регрес“

Во Индексот за слободата на медиумите во светот во 2024 година, објавен од организацијата „Репортери без граници“ по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, Косово се рангира на 75-то место, што е за 19 места полошо од 2023 година, кога беше рангирано на 56-то место, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во бројните реакции што уследија веднаш по објавувањето на Индексот на Репортери без граници, позицијата на медиумите во Косово се оценува како „алармантна“ и како последица на притисоците врз новинарите од страна владејачката партија, Движење самоопределување, на чие чело е премиерот Албин Курти.

Оценувајќи го рангирањето на Косово на годинешниот Индекс како „алармантен регрес“, Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) пренесува делови од извештајот на „Репортери без граници“.

„Иако медиумите успешно продолжуваат да бараат одговорност од политичарите, новинарите и натаму се цел на политички напади. Нефикасниот медиумски регулатор, Независниот совет за медиуми (КПМ), се обидува да се реформира. Најголемата телевизија Клан Косова беше предмет на административни напади од страна на владата, која исто така ја загрози независноста на јавниот радиодифузен сервис РТК со изборот на близок соработник на владејачката партија за директор. Медиумите на српски јазик, кои се под притисок на српските политички сили, се пожалија на дискриминација во пристапот до информации од јавен карактер, особено на нивниот јазик, што е уставно право на малцинствата“, се вели во дел од извештајот што го цитира АГК.

Советот за печатени медиуми на Косово (КМШК), изразувајќи загриженост за влошувањето на слободата на медиумите во земјата, повика медиумите и новинарите да не се попречуваат при нивната работа.

„Политичките напади врз медиумите и новинарите, како и кампањите за линч против нив, се сериозна закана за независното и професионално новинарство, како и за интегритетот и животот на новинарите“, се вели во реакцијата на КМШК, во која се порачува дека „напорите на властите да ги контролираат медиумите и да ја нарушат слободата на говорот се штетни и неприфатливи“

Бројни реакции уследија и од претставници на косовската опозиција, кои главно ја обвинуваат Владата на Курти за задушување на медиумските слободи.

Мемли Красниќи, лидерот на најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, побара „Владата да престане со прогонот и притисоците на новинарите и слободните медиуми“.

Красниќи рече дека новинарите и медиумските работници „историски одржувале високи стандарди, интегритет и храброст дури и во најтемните времиња на земјата“.

Затоа, според него, последните случувања на Косово, иако во слобода, претставуваат „многу вознемирувачка слика за состојбата со медиумските слободи“.

„Косово годинава падна за 19 места на Индексот на слободата на печатот, во извештајот на организацијата „Репортери без граници“ – најнегативна оценка досега! Зголемениот притисок на Владата врз независните медиуми и таргетирањето на новинарите од нашата земја е се поголема закана за слободата на печатот и слободата на говорот“, изјави Красниќи.

Поранешниот премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај рече дека заштитата на новинарите и слободните медиуми е меѓу принципите за кои не може да се преговара и дека е „институционална и социјална обврска да се зачува и унапреди овој сегмент од слободата“.

„На владетелите им пречи слободата на изразување, слободата на медиумите!… Загрижувачки е пристапот на експонентите на моќта со оркестрираните напади што ги прават врз медиумите и тенденцијата да ги контролираат, забележувајќи алармантна регресија во однос на слободата на медиумите, што се потврдува и од извештаите на релевантни меѓународни институции. Стоиме покрај медиумите, во одбрана и почит кон слободата на говорот!“, напиша Харадинај на Фејсбук.

Потпретседателката и пратеничка на Демократскиот сојуз на Косово, Хикмете Бајрами, порача дека падот на Косово за 19 места во индексот на слободата на медиумите е аларм за секој човек што живее на Косово.

Според Бајрами, веќе нема сомнежи дека владејачката партија Движење самоопределување (ВВ) е против медиумите.

„Борбата на власта против медиумите е програмска, оркестрирана за да го оштети известувањето и откривањето на корупциските скандали на Владата. Евидентирањето на состојбата на медиумите во Косово од Репортери без граници е потврда на она што го зборуваме од првиот ден од доаѓањето на ВВ на власт. Никој веќе нема дилеми дека ВВ е против медиумите, против секој што размислува поинаку, против бизнисите, против граѓанинот“, рече Бајрами.

Поврзани објави
Total
0
Share