Радев ги опиша односите со Македонија како сложени: Европските барања подразбираат промена на Уставот, па почеток на преговорите

Точно е дека имаме сложени односи со Република Северна Македонија. Но, нашите проблеми имаат едноставно решение, а тоа се нарекува Копенхашки критериуми за пристапување и почитување на човековите права, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.

„Не треба повеќе да зборуваме за бугарско вето. Од витално значење е да се користи вистинската терминологија во меѓународните односи. Има јасен заклучок на Европскиот совет од јули минатата година, во кој детаљно се опишува преговарачката рамка. Значи, ги поставува сите европски – не бугарски – барања кон Република Северна Македонија да ги почне преговорите, да биде членка на Европската Унија. Овие европски барања јасно кажуваат дека Република Северна Македонија треба да го измени својот Устав за да обезбеди можност бугарските граѓани во оваа земја да имаат уставна заштита и еднакви права. Да бидат вклучени во нивниот Устав рамноправно како и другите владејачки основачки народи“, рече Радев.

Според него, ова е чисто европско барање засновано на европски принципи. Преговарачката рамка прифатена од Република Северна Македонија, вели Радев, исто така јасно кажува дека правата на Бугарите што живеат во Република Северна Македонија треба да се почитуваат и заштитат исто така.

„Говорот на омраза и физичкото насилство врз Бугарите што живеат во Северна Македонија треба да се искорени. Исто така, нашата историја и културното наследство треба да се почитуваат и штитат, а во оваа специфична област верувам дека Грција може најдобро да нè разбере“, рече Радев.

Бугарскиот претседател изрази уверување дека раководството во Скопје ќе ги насочи своите напори да работи многу напорно за исполнување на европските барања и за отстапување од некои стари политички битки. Верувам, рече Радев, дека нашите браќа во Северна Македонија што е можно побргу ќе ги прифатат европските принципи и вредности за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија за подобра перспектива и иднина на сите нас што живееме на Балканот.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share