Неексплодирана граната за која се претпоставува дека е уште од Првата Светска војна вчера напладне била пронајдена и однесена во полициска станица во Берово. Иако постои опасност од активирање при нејзино поместување од местото каде била пронајдена лицата сепа одлучиле да ја земат и да ја пријават кај надлежните.
Веднаш биле повикани пиротехничари по што експлозивната направа е преземена за уништување, информира ЦУК.
Регионалниот центар за управување со кризи – Штип информира дека настанот се случил вчера во 12.30 часот.
„Ваквата постапка навидум изгледа правилна, но е несоодветна, односно опасна по личната и општа безбедност. Граѓаните треба да постапуваат согласно безбедносните препораки при вакви случаи. Кога ќе пронајдат какви било неексплодирани убојни средства граѓаните да не ги допираат и поместуваат туку да се јават на телефонскиот број 112 во ЦУК, а потоа веднаш ќе се постапи според стандардните оперативни процедури за вакви случаи од страна на професионалци – пиротехничари. Така е најбезбедно“, се вели во соопштението на ЦУК.