Прогласена вонредна состојба во Нови Пазар, се отстрануваат штетите од вчерашното невреме

По вчерашните невремиња кои зафатија повеќе делови од Србија, денеска се отстрануваат последиците, а во Нови Пазар е прогласена вонредна состојба.

Градоначалникот на Нови Пазар, Нихат Бишевац, изјави дека водостоите на Рашка, Јошаница и Трнавица се зголемени, а на некои места тие реки се излеале од коритата.

Бишевац рече дека се отсечени и дел од руралните патишта и дека е ангажирана сета расположлива механизација на јавните претпријатија и деловните субјекти од особено значење.Началникот на Секторот за вонредни состојби во Нови Пазар, Исмаил Дупљак, вели дека во извештајот што го поднеле до командирот на градскиот штаб се наведува дека има оштетување на патната инфраструктура, но оти снабдувањето со електричната енергија е нормализирано, а водата за пиење е безбедна.

Дупљак додава дека за време на невремето немало закани по животот на луѓето, но дека пожарникарите и спасувачите интервенирале дваесетина пати.

Поради неможноста канализациона мрежа да ја прифати целата вода, поплавени се главните градски улици, а водата се излеа во повеќе куќи.

На територијата на Нови Пазар, пожарникари и спасувачи се ангажирани и за испумпување на водата на 12 локации, како и помагање на населението во вид на отстранување на паднатите дрвја.

Најобилни врнежи придружени со град имаше во Мачва, Бачка, Срем, и во Златибор.

Жена загина во Сомбор кога дрво падна врз возилото што го возела.

Во Пожега и Чачак падна град со големина на орев и предизвика штети на земјоделските култури и овошните насади.

Како што најавуваат метеоролозите и денеска попладне во Србија ќе важи портокалова метеотревога и попладне повторно ќе има услови за невреме.

Поврзани објави
Total
0
Share