Пресуда против Трамп: Виновен по сите обвиненија

Поранешниот американски претседател и од денеска и единствениот осуден претседател во историјата на Америка, Доналд Трамп, накратко ја коментираше пресудата на поротниците кои расправаа два дена, пред да го прогласат за виновен по 34 обвиненија.

„Ова беше наместено, срамно судење. Вистинската пресуда ќе биде на 5 ноември од народот“, рече кратко Трамп, видно вознемирен, потсетувајќи на очекуваните претседателски избори во Америка во ноември оваа година.

Поротата во Окружниот суд во Менхетен го прогласи поранешниот американски претседател Доналд Трамп за виновен за фалсификување деловни документи.

Поротата од 12 членови го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување документи во врска со шемата за прикривање на тајните плаќања на ѕвездата од филмовите за возрасни Сторми Даниелс за да се спречи таа да излезе во јавноста со наводите за афера со Трамп непосредно пред денот на изборите во 2016 година.

Овие 34 точки произлегуваат од 11 фактури, 12 ваучери и 11 чекови кои го сочинуваат месечниот надоместок на Трамп на поранешниот адвокат Мајкл Коен, кој платил 130.000 долари на Даниелс, пренесува Си-Ен-Ен.

Трамп се изјасни за невин по обвиненијата во овој случај и негираше дека имал афера со порно актерка.

Против поранешниот претседател се поднесени уште три обвиненија, но тие судења не се очекува да се одржат пред ноемвриските избори.

Трамп се изјасни за невин и во тие случаи.

Доналд Трамп е првиот претседател во историјата на САД кој е осуден за кривично дело.

Поврзани објави
Total
0
Share