Поради обемна листа докази, одложено судењето на Мерко

Со  Ауди 6, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, денеска дојде во Основниот суд во Струга на рочиштето во кое тој е обвинет за злоупотреби при набавката на службеното возило.

Но, судењето е одложено откако одбраната достави две големи папки докази, за кои Мерко од обвинителната клупа дофрли дека тешко е да се донесат со Ауди, а уште потешко на рака, на што судијката Надица Митреска  му рече дека добро е што има смисла за хумор, но, го предупреди дека не е на телевизиска емисија, туку во судница.

Обвинението за Мерко е поднесено 10 месеци откако САД лани во јуни го ставија струшкиот градоначалник на црната листа поради корупција и мешање во судски процеси.

Без претходно одобрување на Годишниот план за јавни набавки од општинскиот совет и во услови кога општината имала  блокирана жиро-сметка, набавил 4 возила меѓу кои и  аудито од речиси 67 илјади евра.

Првото рочиште кое требаше да се одржи на 26 април, беше одложено за денес на барање на одбраната за увид во доказите. По денешното ново одлагање, судијката Митреска рече дека очекува судењето да заврши во разумен рок.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, во рок од десетина дена двапати се појави во судница. На 22 мај почна главната расправа за предметот во кој е обвинет дека незаконски  именувал в.д. директор во училиштето во Лабуништа.

Неговата одбрана побара спојување на овој со останатите предмети во една судска постапка, откако обвинителството поднесе уште две обвиненија за незаконско назначување на директори.

Поврзани објави
Total
0
Share