Политичарите во КЛАН дебата:Не треба да има пазарење за гласови и функции во вториот круг од претседателските избори

Анализирајќи  ги  изборните резултати во емисијата  КЛАН  дебата со Љубиша Николовски ,Андреј Петров од СДСМ посочи дека не може да се поистоветуваат претседателските со парламентарните избори.

,, Едните се избори според мнозинскиот а другите според пропорционалниот модел.Признаваме дека ВМРО ДПМНЕ направи добар резултат. Во вториот круг ќе го дадеме целиот капацитет, затоа што Македонија заслужува да избере претседател. Граѓаните не ги препознаа нашите политики и затоа не казнија но ние ќе се бориме за секој глас, не се предаваме. Вие и да упатите порака тоа не значи дека ќе ја почитуваат. Најдемократски и најлегитимно е луѓето сами да одлучат за кој ќе го дадат граѓаните својот глас”, рече Петров.

Никола Мемов од Движењето ЗНАМ -За наша Македонија порача дека тие како нова партија сакаат да го елиминираат моментумот за давање гласови заради пазарење со функции, туку политичката поддршка да биде по принципот да се поддржи некој кандидат затоа што има квалитет да извршува некаква политичка функција во полза на државата.

” Ако некој е експерт за криминал и корупција, тоа се двете најголеми парламентарни партии кои меѓусебно се менуваат на власт во последните 33 години на политичката сцена во Македонија.
Што се однесува на слабиот резултат на СДСМ, тој е резултат на комплетното неспособно владеење во текот на целиот мандат од 7 години. Единствено беа способни да ги рехабилитираат и воскреснат од политичкиот нокаут во 2016 година ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Од политички нокаут, сега после 7 години ВМРО-ДПМНЕ да освои 365.000 гласови, а ДУИ 120.000 гласови.
Значи, позитивниот изборен резултат на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори не се должи на доброто владеење во рамките на локалната самоуправа, кадешто имаат мнозинство градоначалници, впрочем немаат никакви капитални инвестиции, туку на катастрофалното неспособно владеење на СДСМ,,вели тој.

Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ се осврна на владеењето на СДСМ и ДУИ во изминатите осум години.

,,Криминалот и корупцијата се тема број еден во Македонија. Она што не очекува после 8 мај е сериозна борба. Оваа власт не правела буквално ништо, нема учебници, лекови, нема изградено ниту еден инфраструктурен објект.

Членовите на ЗНАМ беа речиси 7 години дел од СДСМ и молчеа тогаш.Граѓаните сега гледаат како се води државата на централно и на локално ниво, токму затоа граѓаните ја видоа разликата и гласаа за Гордана Силјановска Давкова”, рече Јанушев.

Аналитичарот Фаризи очекува ВЛЕН да има повеќе гласови во вториот круг.

,,Во 2016 година СДСМ дојдоа на власт заедно со ДУИ со цел да имаат 61 пратеник. Надежта тогаш беше голема, но подоцна после 2019 година гласовите на СДСМ почнаа да се намалуваат. ДУИ стана синоним за криминал и корупција. Ќе беше подобро во 2021 година Заев кога си даде оставка да се распишат и предвремени парламентарни избори”,смета Фаризи.

Според него, ВЛЕН прават свои калкулации како да ја поддржат Силјановска во вториот круг.

,,Јас не сум видел некоја изјава од Мицкоски или од други раководни лица на партијата да ги навредуваат Албанците. Клиентилистите не познаваат нација или фобија. ВЛЕН треба  да направи добри анализи. Се покажало во минатото дека албанец може да гласа за македонец и обратно.Верувам дека во ВЛЕН ќе има мудрост и некој ќе направи добри проценки кого ќе поддржи за претседател на 8 мај,”потенцира Фаризи.

Поврзани објави

АА:ВРЕДИ требаше да го отстрани Стоилковиќ а не Садики, ова им ја потврди слабоста и целосно му го дадоа министерството на Стоилковиќ

Алијанса за албанците смета дека последната одлука на ВРЕДИ за смена на Сафије Садики од Министерството за односи…
Повеќе
Total
0
Share