Обраќање на Митрески по повод одбележување 60 години од формирањето на Уставниот суд

За Република Северна Македонија, која оваа година одбележува 33 години од независноста и 33 години од усвојувањето на Уставот, овој јубилеј од 60 години е многу значаен, бидејќи е одраз не само на континуитетот на нашата државност од претходниот систем, туку е и одраз на нашата силна определба за независна, самостојна и демократска држава во која човековите права и слободи се на прво место.

Уставот, како највисок правен акт, е нашиот водич за практикувањето на демократијата, за заштитата на темелните вредности на уставниот поредок, за доследно применување и почитување на принципот на поделба на власта, за владеење на правото, за заштита на правата на граѓаните во однос на институциите, за почитувањето на приватноста на граѓаните… Оттука, Уставниот суд е на браникот на заштитата на уставниот поредок и неговата улога во правниот и политички систем е неприкосновена,

Не можам, а да не го истакнам моето задоволство што денеска овој јубилеј Уставниот суд го дочекува во полн состав, имајќи предвид дека во последнава година, во одреден период беше загрозено неговото функционирање.

На 8 февруари Собранието го пополни и последното испразнето место во Уставниот суд, со што се создадени услови оваа институција да функционира во полн состав.

Почитувани гости,

На денешниот настан гледам дека главна тема на која ќе се осврнат уставните судии од земјава и од регионот, уставните домашнии странски експерти е уставно судската заштита на слободата на мислата и на слободата на јавното искажување на мислата.

Во ова уставно загарантирано право, лежи основата на секој демократски поредок. Во едно демократско општество на јавно искажаниот став, на критиката треба да гледаме како на додадена вредност која може само да го унапреди политичкиот систем.

Но верувам дека денеска ќе имаме можност да се осврнеме и на изминатиот период, да направиме еден вид пресек, па и да бидеме критични за одредени процеси пред кои, како општество бевме исправени, а кои беа директна закана на демократијата во нашата држава.  

За жал, во минатото сме имале периоди на нарушување на принципот на поделба на власта, но и на директни политички влијанија, што директно придонесе до намалување на довербата во правосудниот систем.

Изминативе неполни седум години преземени се конкретни мерки за надминување на таа состојба, но факт е дека не чека уште многу работа.

Довербата во правосудниот систем е намалена, и сите ние заедно и судската, и законодавната и извршната власт мора да преземеме конкретни мерки за да ја надминеме таа состојба.

Јас верувам и сум силно убеден дека најголемиот дел од вработените во правосудниот систем, се врвни професионалци, експерти во својата област, одлуките ги носат во согласност со словото на законот, целосно самостојно без да дозволат какви било интервенции или влијанија.

Затоа сите ние, а особено правосудната фела не смееме да дозволиме само поради неколку индивидуалци кои работат за свои лукративни или други интереси, да се кријат зад колективот и зад целата судската фела.

Не може и не смее неколку скапани плодови да го затрујат целиот систем во кој и во минатото и денеска вложуваме, за да обезбедиме просперитетна и стабилна иднина. 

Почитување на принципот на поделба на власта, односно одлуката за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт е една од обврските на Уставниот суд, дефинирана со Уставот, но е темелот врз кој се базира самостојното и независното одлучување на оваа институција.

Како што е и наведено во толкувањата на Венецијанската комисија „принципот на поделба на власта ги создава потребните предуслови за функционирање на Уставниот суд.

За возврат постоењето на уставни постапки е неопходен предуслов за функционирање на правна држава, неопходност која е потребна за да не се дозволи злоупотреба на власта. Улогата на Уставниот суд во рамките на системот на поделба на власта пред сè е да обезбеди постоење на самиот систем. Имено, да се заштити демократскиот систем на државата од обидите да се трансформира во авторитарен или дури и тоталитарен режим“, затворен цитат.

И тука јас ја гледам главната, ако не и најважната улога на Уставниот суд. Сакале ние да признаеме или не, од осамостојувањето на нашата држава имале предизвици од кои верувам дека ги научивме лекциите, за во иднина да не ги повториме грешките.

Секако, Уставниот суд не е и не смее да биде единствената институција која се грижи за доследна поделба на власта, но и за целосна независност и самостојност на правосудниот систем.

Одговорност има и законодавната и извршната власт, но пред сѐ сите чинители во самиот правосуден систем, кои треба одлуките да ги носат со интегритет, да не подлегнуваат на никакви влијанија и да постапуваат единствено во согласност со словото на законот.

Само на тој начин ќе обезбедиме владеење на правото и доверба во правосудниот систем, што, како што кажав и претходно, е предуслов за почитување на граѓанските, социјалните и економските слободи и права на човекот, но е и предуслов за економски напредок, просперитет и развој, односно за ефикасно функционирање на системот.

Почитувани судии на Уставниот суд,

Вам и на сите поранешни членови и претседатели на Уставниот суд Ви го честитам овој значаен јубилеј од шест децении заштита на уставиот поредок на нашата држава.

Ве охрабрувам да продолжите да ги носите одлуките по свое убедување, почитувајќи ги уставните одредби и да бидете пример и за останатите чинители во правосудниот и политичкиот систем, бидејќи само на тој начин ќе обезбедиме правна држава, во која граѓаните, приватниот сектор и што е најважно младите веруваат во нејзината просперитетна иднина.

Поврзани објави
Total
0
Share