Муштериите го купуваат она што им се допаѓа или бираат според длабочината на џебот?

По повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената, деновиве имаше гужви на цветните пазари каде има шаренило од бои и стотици различни видови цвеќе. Од продавачите некои се повеќе, а некои помалку задоволни, но се сложуваат дека луѓето погодени од растот на трошоците за живот, се фаќаат за она што е најевтино, а не за она што им се допаѓа.

Го посетивме цветниот пазар во Куманово. Продавачите на цвеќе велат дека веќе неколку дена има гужви, а очекуваат дека и викендов оние кои не стигнале да купат подарок за Денот на жената, ќе ги посетат нивните тезги. Објаснуваат дека за разлика од порано, сега имаме помалку млади во државата поради иселувањето, граѓаните со своите примања се трудат да ги задоволат основните животни потреби, па дури потоа одвојуваат пари за подароци, а воедно пред празникот во секој агол се продава цвеќе, истото го има и во многу маркети и оттука имаат и помала заработка.

„Koга не би имало цвеќе во маркетите, би било подобро за нас. Обично муштериите купуваат по едно цвеќе и сите гледаат да поминат поевтино. Најевтиното е 50 денари, а тоа не е ни колку половина кутија цигари. Во секое ќоше има цвеќе, пренатрупано е. Ние сме народ кој премногу сака цвеќе, но има пренатрупаност. Зависи кој по што е, има сто вида цвеќе кај мене“, вели кумановка која продава цвеќе на тезга.

Друга продавачка исто објаснува дека повеќето наши граѓани купуваат поевтини цвеќиња, но поединци не штедат и купуваат и од поскапите видови.

„Има муштерии кои купуваат по 3-4 парчиња, сакаат цвеќе“, рече Јасминка Доцевска, продавач.

Жените велат дека имаат навика да подаруваат цвеќе на роднини, пријателки, колешки за 8-ми Март.

„Тоа ми е навика. За ќерки, за јатрви, другарки, купувам цвеќе. Гледам што ми се допаѓа. Планирам да купам 3-4 парчиња. Денеска ќе ги купам и денеска ќе ги подарам“, кажа Џемиле Алити, граѓанка.

Продавачите велат дека цвеќето од македонско производство е поевтино, а странското е поскапо. Некои купувачи детално се запознаени со видовите на цвеќе, начинот на одгледување, кога можат да бидат пресадени, а другите прашуваат за истите информации.

„Кога ќе земат пензии, плати, купуваат, но послабо е, не е како порано. Инфлацијата е еден фактор, друго младите избегаа и тоа придонесува за помала продажба. Останаа само пензионери. Цените се од 50 денари па нагоре. Луѓето го бираат најевтиното. Ретки се тие што доаѓаат и земаат без да прашаат за цена. Некој бара цвеќе за внатре, некој за во двор, за на тераса. Пред 10 години годината беше навистина добра, имаше повеќе народ, повеќе млади и повеќе се трошеше цвеќе“, изјави друга продавачка.

Имаше и такви кои доаѓаат да купат поголем број рози за припадничките на понежниот пол во своите работни колективи, но и се ценкаат. Во Скопје, вообичаено цените на цвеќето се повисоки.

Меѓународниот ден на жената, кој се слави на 8 – ми Март , има долга и значајна историја која датира повеќе од еден век. Во 1908 година, 15.000 жени маршираа низ Њујорк барајќи пократко работно време, повисоки плати и право на глас. Овој настан го означи почетокот на борбата за правата на жените, а една година подоцна, Социјалистичката партија на Америка го прогласи првиот Национален ден на жената. Идејата да се воспостави меѓународен празник потекнува од Клара Четкин, која го предложила во 1910 година на Меѓународната женска конференција во Копенхаген.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share