Мицотакис очекува од Мицкоски името Северна Македонија да го користи секаде

Проценките дека сепак нема да биде потребно да се активира членот од Договорот од Преспа за решавање спорови, но и ставот дека прашањето не е билатерално, туку европско, ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Action 24“, кој уште еднаш ја повтори пораката дека новиот премиер мора да го користи името С.Македонија во и вон земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис објасни дека Договорот од Преспа јасно го одредува начинот на кој се решаваат прашањата поврзани со почитувањето и оцени дека „на крај нема да биде потребно ова“, бидејќи, како што рече „во Скопје можеби сфаќаат дека предизборниот период заврши“.

Грчкиот премиер и синоќа во интервјуто за ТВ „Стар“, како што објави МИА, и утрово за телевизијата „Action 24“ рече дека од новиот премиер очекува името С.Македонија да го користи во и вон земјата.

Уште еднаш повтори дека Договорот, иако тие не го поддржаа, е „апсолутно јасен“ и ќе го почитуваат, „бидејќи е меѓународен договор што е над националното право“.

-Договорот од Преспа има одредба за името, а името на земјата е С. Македонија, важи за сите и она што го очекувам од новиот премиер, кој сè уште не е мандатар за премиер, но во некој момент ќе го добие мандатот, очекувам една јасна изјава дека името на земјата е С.Македонија и така ќе ја нарекува во и вон земјата. Оценувам дека и овие прашања на некој начин ќе го најдат својот пат, рече Мицотакис.

Во однос на тоа дали конкретното прашање е билатерално или европско, посочи дека „сега е европско прашање“.

-Како што гледате, и мислам дека тоа е успех на грчката надворешна политика, со угледот што го има Грција, со кревање на два-три телефони, за неколку часа имаме осуда на изјавите на претседателката на С.Македонија, која одби да положи заклетва со уставното име на земјата. Ова е уште еден доказ дека Грција се зема предвид и уште еден показател зошто евроизборите се важни, затоа што гласот на Грција се слуша во Европа и треба уште посилно да се слуша, истакна грчкиот премиер.

Поврзани објави
Total
0
Share