Мицкоски од Кичево повика на масовна излезеност на 8 мај

,,Оние кои се удираа во гради дека ќе сме сокриеле после изборниот ден јас денеска не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала Речица (седиштето на ДУИ) да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери”,рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг на партијата и коалицијата „Твоја Македонија“ во Кичево во рамките на продолжението на кампањата за парлементарните избори закажани за 8 мај.  

Говорејќи за вчерашниот прв круг на претседателските избори, во кој кандидатката поддржана од нив, Гордана Силјановска-Давкова, освои убедлива победа, Мицкоски рече дека разликата од повеќе од 180 000 гласови во однос на нејзиниот противкандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски е доволен показател дека народот е на нозе и дека се крена против власта. 

Тој ги повика граѓаните масовно, како никогаш до сега да излезат на следните Парламентарни избори и вториот круг од Претседателските избори, за да не се дозволи, како што рече, „типот на политичарите кои што се дел од раководството на СДСМ и Али Ахмети, да ја уценуваат Македонија, а земјата да тоне во политичкото мочуриште коешто тие сакаат да наметнат. 

– Никој не е посилен од граѓаните. Сега сите алатки се во нивни раце, граѓаните се тие коишто одлучуваат за иднината на своите семејства и за иднината на Македонија. Од тоа што го видов изминативе 21 ден, убеден сум дека тие се обединети околу „Платформата 1198“ и околу потребата за промена. Така што, и покрај овие закани јас очекувам дека граѓаните масовно ќе излезат, дека Гордана Силјановска-Давкова ќе биде новиот претседател, а Коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО ДПМНЕ, ќе ја формираат идната влада со сопствено мнозинство од 61 пратеник во Парламентот, рече Мицкоски. 

Поврзани објави
Total
0
Share