Мицкоски го доби мандатот за состав на владата

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска му го додели мандатот за формирање Влада на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Силјановска Давкова се повика на уставните рокови и на уверувањето дека со изборот на Африм Гаши со 76 гласови ЗА за претседател на Собрането на Македонија, во парламентот е формирано мнозинство. Таа изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада.

,,Една од надлежностите на претседателот е доделување мандат за состав на влада. Согласно членот 90, став 1 алинеа прва, мандатот задолжително се доделува во период по истекот на десет дена од конституирањето на Собранието и тоа на лидерот на партијата, односно лидерот на партиите што имаат мнозинство. Сведоци сме дека денеска истекува десетиот ден. Исто така, при конституирањето на Собранието претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа ЗА. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право, основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас за својата програма и составот на владата. Затоа чест ми е и задоволство со сигурност да верувам дека чекорот што го презема, доверувањето на мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор“ – изјави Силјановска Давкова.

Мандатарот Мицкоски изрази благодарност и најави дека новата влада ќе биде реформска и дека акцент ќе стави на економијата, инвестициите, на пораст на стандардот на населенеито и на владеењето на правото.

„Граѓаните се најзаслужни што Македонија ќе добие нова влада, што нас, кои формиравме мнозинство, ни дадоа легитимитет. Набргу ќе биде создадена реформсата влада која ќе работи на развој, а не на политички препирки, ќе градиме држава на еднакви граѓани“, рече Мицкоски.

Од денеска тече рокот од 20 дена за формирање на владата.

Поврзани објави
Total
0
Share