Митрески со делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе ги набљудува двата изборни процеси во земјата

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска се сретна со членовите на делегацијата на ад хок-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори во Република Северна Македонија, кои престојуваат во дводневна предзиборна мисија. На средбата беа присутни и Дарко Каевски како шеф на делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.

Целта на посетата е следење на подготовките за престојните двојни избори во земјата, а во ад хок-комисијата, како што нагласи шефот, швајцарскиот пратеник Алфред Хер, учествува по еден член од сите политички партии застапени во парламентарната асамблеја, и тоа Стефан Шенах од Австрија, Крис Саид од Малта, Селивај Челенк Озен од Турција, Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О᾽Рајли од Ирска.

Митрески, осврнувајќи се на подготовките за изборите, информира дека Собранието изминатиот период ги презеде сите неопходни чекори во рамките на надлежностите со цел да се обезбедат услови за спроведување фер и демократски избори. Тој информира дека со изборот на седмиот член целосно е комплетиран составот на Државната изборна комисија, донесен е Законот за изменувањето и дополнувањето на Изборниот законик, со што се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Понатаму, тој ги запозна членовите на ад хок-комисијата со актуелните активности во Собранието и роковите за почеток на кампањата.

Соговорниците разменија мислења за предизборните коалирања, како и за прашањата што би доминирале во изборните кампањи.

На крајот беше изразено заедничко уверување дека изборите ќе поминат со почитување на највисоките европски стандарди и практики.

Ад хок-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори ќе ги следи изборните процеси со 22 пратеници, кои ќе бидат присутни во државата на денот на гласањето и на 24 април и на 8 мај, а нивниот извештај ќе биде презентиран во текот на јунската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Поврзани објави
Total
0
Share