Лидерите од Процесот Брдо-Бриони денеска на средба во Скопје

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.

На состанокот, како што е најавено, ќе учествуваат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, во улога на ко-домаќини, како и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.

Лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони, како што е најавено ќе имаат пленарен состанок, по што ќе следи заедничка прес-конференција на Пендаровски, Пирц – Мусар и Милановиќ.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Хилтон“ во Скопје, се акредитирани 125 претставници на медиумите, 72 од нашата држава и 53 од странство.

Претседателот Стево Пендаровски синоќа во просториите на Вила „Водно“ ги пречека лидерите на земјите од Западен Балкан кои се дружеа на свечена вечера.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера изјави дека се надева дека средбата во Скопје нема да заврши како претходните две во „кавга меѓу раштимани инструменти“ и кршење копја при усвојувањето на завршна декларација. На минатогодишниот самит конечната декларација не беше усвоена бидејќи хрватскиот претседател побара во документот да се спомене уставот на трите народи во Босна и Херцеговина, што не беше договорено од двајца членови на нејзиното претседателство.

Една година пред тоа, учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради расправиите меѓу косовската претседателка Вјоса Османи и српскиот лидер Александар Вучиќ.

Поврзани објави

Ексклузивно за Клан Македонија: Др. Пол Вилијамс потврдува дека ја подготвува платформата за меѓуетнички легитимитет за Северна Македонија

Др. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, за телевизијата Клан Македонија ексклузивно потврди…
Повеќе
Total
0
Share