Косовската полиција ги заплени средствата и ги затвори филијалите на српска Поштенска штедилница

Косовската полиција ги заплени средствата на филијалите на српската Поштенска штедилница на северот од земјата.

Надлежните соопштија дека во шесте филијали во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, запленета е и „релевантна документација и докази поврзани со случајот“.

Според пишувањата на медиумите, косовската полиција соопштила дека за акцијата добила одобрение од Обвинителството и дека „врши контрола на работењето“.

При нивната интервенција присутни биле и пропадници на ЕУЛЕКС и КФОР.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља им честитал на институциите за „покажаниот успех“ за време на полициската акција.

Од друга страна, српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека „ова води до нови конфликти на Балканот со непроценливи последици“.

Акцијата на косовските власти уследи една недела откако Централната банка на Косово објави дека завршил преодниот период на нејзината регулатива со која се забранува на користењето на српскиот динар како средство за плаќање.

Во одговорот за Радио Слободна Европа, Стејт департментот додава дека акцијата не била координирана со меѓународните партнери и дека тензиите ескалираат.

„Ја повикуваме Владата на Косово да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на Европската Унија како соодветен канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и оние на српското малцинство, негативно погодени од неодамнешните промени во регулативата за валутата“, се вели во одговорот од Стејт департменот.

Поврзани објави
Total
0
Share