Ковачевски: Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата

,,Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата. Нема друг начин да го спречиме ВМРО ДПМНЕ повторно да го донесе режимот кој толку долго се трудевме да го срушиме”, истакна претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 1, Димитар Ковачевски на Првомајскиот пикник што денеска се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој потенцираше дека СДСМ во изминатите седум години успешно се справи со здравствената, енергетската и економската криза и донесе тешки, но важни одлуки за подобра и просперитетна иднина на државата.

,,Изминатите неколку години носевме тешки, но исправни одлуки. Разговаравме и разговараме со граѓаните, на терен сме, нѐ гледате и мене и нашите кандидати за пратеници. Свесни сме за грешките што ги направивме, но и свесни сме дека сето ова беше една лекција од која извлековме многу поуки. Тешките одлуки значеа многу политички компромиси и хируршки прецизно водење на процесот за зачленување на Македонија во НАТО”, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да дадат поддршка за кандидатите на СДСМ и Коалицијата за европска иднина и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. „Само така, сите заеднички, ќе зачекориме кон европска иднина за Македонија, европска иднина за нашите деца”, порача Ковачевски.

Поврзани објави
Total
0
Share