Ковачевски негира дека има договор со ДУИ за бојкот

СДСМ и ДУИ не договараат бојкот на изборите, порача денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски. Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 8 мај за вториот круг од претседателските избори коишто ќе се одржат заедно со парламентарните избори и ги демантираше најавите на ВМРО-ДПМНЕ за наводни „црни сценарија“ за изборите.

,,Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата „За европска иднина“ на парламентарните избори. Без исклучок да имаме масовен одѕив, да избереме и претседател и парламентарен состав и Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции“, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање рече дека по изборите на 8 мај, како стандардна процедура, ќе има и избори во неговата партија. Ова тој го искоментира како одговор на тоа дали ќе поднесе одговорност по големата разлика во првиот круг на претседателски избори помеѓу Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.

– Кај нас статутот бара одржување на отчетен конгрес со анализа на резултатите и после да има избори во кој се бара изјаснување за избор на претседател на партијата како и други партиски органи како централен одбор, извршен одбор,потпретседатели и така натака,Тоа е стандардна процедура, рече Ковачевски

.Тој рече дека по изборите ќе се прават анализи на ниво на општинските организации, како и на ниво на извршниот и централниот одбор.Во меѓувреме ги повика гласачите масовно да излезат да гласаат на претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај.

– Граѓаните испратија јасна порака – таа порака ние јасно ја примивме, но со крената глава продолжуваме во вториот круг. Знам од што се незадоволни граѓаните, порача Ковачевски.Тој додаде дека во негативен прилог во однос на изборниот резултат оделе серијата на глобални кризи и големата инфлација.

Поврзани објави
Total
0
Share