Кацарска: Го завршувам мандатот со чувство на исполнетост

На прес-конференција во Уставниот суд таа денеска даде осврт за преземените обврски и активности за времетраење на нејзиниот мандат. Во фокусот на нејзиното обраќање беше Актот што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат.

Таа ги наброја бројните промени кои ги донесе Актот, како што се тоа што првпат Уставниот суд ќе им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права и можноста Народниот правобранител да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат.

– Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока” со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница, образложи Кацарска.

Потенцираше дека е скратен рокот за одговор на доносителите на актот од кои барале мислење во текот на постапките, па така наместо 30 дена максимален рок за одговор, ќе мора да го дадат за најмногу 15 дена, по барањето на Уставниот суд.

– Како битна новина е и тоа што кога се поведува постапка за некои закони, а доколку Судот утврди дека може да настане некој вакуум простор со укинување или поништување, при што граѓаните или правните лица во тој период не може да ги остварат своите права, Уставниот суд ќе се обрати до доносителот на актот и ќе им даде рок од најмногу шест месеци за да направат исправка. Ваков начин на работа имаат уставните судови во Словенија, Германија и други земји, дополни Кацарска.

Во освртот го спомена и намалувањето на бројот на стари предмети од кои некои се чувале и по десетина години.

– Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави, факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд, рече таа.

Поврзани објави
Total
0
Share