Каселакис до Мицотакис: Ако Преспанскиот договор е штетен, нека оди кај ВМРО и нека направат корисен

Лидерот на грчката опозициска партија, СИРИЗА, Стефанос Каселакис повторно говорел за односите со С.Македонија и тековните предизвици околу Преспанскиот договор, како и за се уште нератификуваните меморандуми кои произлегуваат од него.

-Ова прашање треба да го упатите до владата и премиерот. Го поделија народот и го извадија на улица и оттогаш не само што не направи ништо за да ги ратификува позитивните аспекти на овој договор, туку наместо тоа, сега доаѓа кај нас (Кирјакос Мицотакис) и вели: „Тоа е штетен договор, но јас го почитувам“.

Ако е штетен договор, нека оди кај ВМРО, која им е и соседна партија во Европската народна партија и нека се договорат за корисен договор, кажал Каселакис во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“.

Истакнал и дека „ако грчкиот премиер навистина не се согласува со договорот, сигурно ќе најде разбирање во актуелната влада на Северна Македонија“.

-Нека оди таму и нека направи корисен договор. Во спротивно нека признае дека го инструментализираше и дека уште еднаш го лаже грчкиот народ, кажал лидерот на СИРИЗА.

По потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во Македонија следуваа уставни измени со кои државата во своето уставно име ја додаде придавката „Северна“. Новото име стапи на сила во февруари 2019-та.

Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје. Денес, Северна Македонија е членка на НАТО, но уште чека отворање на преговорите со ЕУ по поглавја, како и се уште останаа обврски за исполнување од страна на Грција во однос на меморандумите.

Поврзани објави
Total
0
Share