Итна седница на Советот за безбедност на ОН, ќе се разговара за израелскиот напад на кампот во Рафах

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница, на која треба да се разговара за воздушен напад од страна на Израел кој го погоди кампот за раселени лица во градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа 45 лица, пренесува Си-ен-ен.

Седницата ја побара Алжир, а ќе се одржи во 15 часот и 30 минути по њујоршко време.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху призна дека е направена „трагична грешка“ откако израелски напад врз Рафах во јужниот дел на Појасот Газа запали шаторски камп во кој се сместени раселените Палестинци и уби најмалку 45 луѓе.

– И покрај нашите најдобри напори да не им наштетиме на невините цивили, синоќа беше направена трагична грешка – рече Нетанјаху во понеделникот во обраќањето пред израелскиот парламент, додавајќи дека истрагата е во тек.

Гласот на Америка пренесува дека Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA) ја опиша ситуацијата во Појасот Газа како „пекол на Земјата“.

– Информациите кои доаѓаат од Рафах за понатамошни напади врз семејства кои бараат засолниште се застрашувачки. Има извештаи за масовни жртви, вклучувајќи деца и жени меѓу загинатите – соопшти УНРВА.

Израелската војска соопшти дека го истражува инцидентот во неделата во Рафах, за кој рече дека бил воздушен напад во кој цел биле двајца високи функционери на Хамас кои се убиенј. Според извештаите од терен, нападот исто така предизвикал и пожар.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека во нападот биле запалени шатори во областа каде што се раселените лица, а покрај загинатите има и десетици повредени.

Израелската војска го опиша нападот како прецизен и рече дека го убиле Јасин Рабија, началникот на Генералштабот на Хамас за Западниот Брег.

Министерството за надворешни работи на Катар во понеделникот соопшти дека нападот може да ги искомплицира напорите за посредување за прекин на огнот и враќање на заложниците од Појасот Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Израел нема да ја напушти Газа додека не биде завршена преостанатата контрола на Хамас на територијата. Тој рече дека Израел мора да го преземе Рафах за да ги елиминира баталјоните на Хамас стационирани таму и да постигне „тотална победа“ над екстремистите, кои неодамна се прегрупираа во другите делови на Газа каде израелската армија претходно ја презеде контролата.

Хамас во неделата објави дека извршил ракетен напад врз Тел Авив.

За време на нападот се огласија сирените за воздушен напад, но Израел соопшти дека нема информации за жртви или материјална штета.

Тоа беше прв ракетен напад со долг дострел од Газа од јануари, иако оттогаш од позициите долж границата со Газа врз Израел беа истрелани ракети и минофрлачки гранати.

Бригадите Изедин ал-Касам на Хамас во објава на Телеграм соопштија дека го гаѓале Тел Авив „со голема ракетна стрелба како одговор на ционистичките масакри врз цивили“.
Израелската војска соопшти дека осум проектили влегле во Израел откако биле истрелани од близина на Рафах, каде што израелските сили неодамна извршија упад. Израел соопшти дека бил пресретнат „одреден број“ проектили.
Египет одби повторно да ја отвори својата страна на преминот Рафах додека контролата над Газа не им биде вратена на Палестинците.

Војната меѓу Израел и Хамас беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој, според израелските власти, загинаа 1.200 луѓе, а при што беа заробени околу 250 заложници и однесени во Газа. Во израелската контраофанзива што следеше, беа убиени речиси 36.000 Палестинци, вклучително и цивили и борци, според Министерството за здравство на Хамас во Газа.

Поврзани објави
Total
0
Share