Изборите ги следат над 200 набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР, првичните наоди Мисијата ќе ги соопшти утре

Повеќе од 200 набљудувачи на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР распоредени на избирачките места низ целата држава го мониторираат текот на гласањето на денешниот прв круг од седмите претседателски избори, изјави Џилијан Стирк, која ја предводи меѓународната мисија за набљудување на изборите.

Денеска претпладне таа, како што кажа, имала можност да посети две избирачки места оценувајќи дека почетокот на изборниот процес е добар.

Сепак, целосната оценка за тоа како поминал изборниот ден ќе ја имаат кога ќе ги соберат и анализираат сите податоци од изборниот ден.Покрај двестотините набљудувачи кои денеска се распоредени низ државата, шефицата на набљудувачката Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР потсети дека имаат и долгорочни набљудувачи кои се во земјава уште кога беше отворена Мисијата кон крајот на март.

Стирк посочи дека целиот изборен процес го оценуваат од повеќе аспекти, односно од законската рамка до изборната администрација, како и прашања поврзани со финансирањето на кампањата и улогата на медиумите.

Првичните наоди од мониторирањето на изборниот процес од првиот круг на претседателските избори, Стирк рече дека ќе бидат презентирани утре на прес-конференција, на која што освен неа обраќања ќе имаат и нивните партнери од Советот на Европа.

Инаку, шефицата на набљудувачката Мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилијан Стирк, неодамна на прес-конференција во Скопје кажа дека согласно препораките на Мисијата, претстојните избори во земјава ќе ги следат зголемен број набљудувачи поради поклопувањето на двата изборни циклуса.

Поврзани објави
Total
0
Share