Западот со осуда на Техеран, Гутереш повика на смиреност и воздржаност – Иран и Израел со меѓусебни обвинувања во СБ на ОН

Со меѓусебни обвинувања меѓу Иран и Израел и без заклучок мина итната седница на Советот за безбедност при Обединетите Нации. Иранскиот амбасадор го осуди израелскиот напад врз иранското дипломатско претставништво во Дамаск, неговиот израелски колега, пак, возврати во ист стил за воздушниот напад со дронови, балистички и крстосувачки ракети од официјален Техеран. Амир Саид Иравани го обвини Израел дека е главна закана за мирот на Блискиот Исток, за Гилад Ердан, пак, тоа е Иран. Двајцата го повикаа Советот за безбедност да воведе санкции – Иран бара казнување на Израел, Израел, пак, на Иран.

Западните земји го осудија нападот на Иран, додека генералниот секретар на Обединетите Нации повика на смирување на деескалација на ситуацијата. Сега е време за максимална воздржаност од сите страни, не можеме да си дозволиме уште една војна, порача Антонио Гутереш.

Нападот на Иран е како објава на војна, смета израелскиот претседател Исак Херцог. Но, неговата земја, како што нагласи, покажала воздржаност, бидејќи не сака војна и заедно со партнерите ги разгледува сите опции.

Поврзани објави
Total
0
Share