Заев со Пендаровски, Ковачевски, Спасовски и Николовски на промоција на браната „Конско“

Поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев денеска за прв пат се појави со раководството на СДСМ и кандидатот за претседател на партијата, Стево Пендаровски, на настан по повод завршување на изградбата на браната „Конско“.
Оваа брана, според надлежните, ќе овозможи модерно наводнување на најмалку 6 500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкурентно производство.
Овој капитален проект, како што беше речено на денешниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување на пловечките фотоволтаци.
-Ова е историски ден за државата, за земјоделството, за овој регион, за граѓаните и за Владата. Браната Конско е целосно изградена, ќе биде запишана во историските доумненти и ќе биде сведок на едно време кога потребите на државата и граѓаните беа приоритет. Ова е најголемиот капитален проект за регионов во последните 20 години и за државата во последните 50 години. Поминавме и КОВИД криза, но ништо не не спречи во реализирање на инвестицијата вредна над 40 милиони евра. Бев тука во 2018 година, кога заедно со тогашниот премиер Зоран Заев го притиснавме копчето кое означи старт на работата, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Според претседателот на државата Стево Пендаровски, изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем „Гевгелиско поле“ е една од најсериозните инвестициии во македонското земјоделство, но и на енергетски план со оглед дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски потенцира дека денешниот ден е многу значаен за земјоделството.
-Ставаме крај на шестдеценискиот предизвик. Од денеска ќе има доволно вода за наводнување и развој на земјоделството во овој регион. Оваа брана, најголем проект во последните 50 години во државава, за малку помала од Мавровската, ќе го развие и туризмот, многу скоро ќе дојдат инвеститори кои ќе сакаат тука да изградат објекти. Горд сум што оваа голема инвестиција почна и заврши за време на Владата на СДСМ. Ако некој можеше во минатото, пред две декади, да упати критика до нас дека не сме ги довршувале работите, ова е најдобра потврда за спротивното. Оваа Влада ќе остане запамтена по тоа што успеа да изгради најголем инвестициски објект, а претходната власт ќе биде запамтена по инвестиција што ја планираше, но не ја заврши – парапетот околу Охридското Езеро, и тоа е разликата, нагласи Ковачевски.
Изведувачот на работите на браната „Конско“ е турскиот конзорциум од компаниите „Серка“ и „Ак Ели“, а надзорот го вршеше Градежниот институт.

Поврзани објави
Total
0
Share