Заврши рокот за поднесување листи за пратеници за редовните избори на 8 мај

Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај.

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК) листи за пратеници за сите шест изборни единици до синоќа до 22 часот поднесоа коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, коалиција Македонска ера трета сувереност, Европски фронт предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и Работничка партија. Листи поднесоа и партиите Родина, потоа Аваја за Третата, Четвртата, Петата и Шестата изборна единица и Твоја за Првата, Втората, Третата и Четвртата изборна единица.  

Единаесетите парламентарни избори во земјата се редовни и ќе се одржат на 8 мај. Кандидатите ќе се „натпреваруваат“ за 120 пратенички места во собранискиот состав 2024-2028 година. 

Во изминатите денови партиите ги промовираа носителите на листите за пратеници и листите, како и програмите за парламентарните избори. 

Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде под ист реден број како и за претседателските кандидати, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик. 

На редовните парламентарни избори гласање нема да се спроведува во дијаспората, додека за претседателските избори ќе се гласа. 

ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори.

Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 избирачи. 

Поврзани објави
Total
0
Share