Евакуација на цивили и на воени единици на нови и побезбедни позиции – Украина се повлекува од делови на Харков

Евакуација на населението, но и на воени единици на нови и побезбедни позиции во позадина. Украинските сили се повлекуваат од точки на северниот фронт по руската офанзива во правец на Харков, Краматорск, Покровск и Вовчанск каде се водат борби на периферијата на градот, но според шефот на локалната полиција, Русите воспоставуваат позиции и во урбаните средини. Ширум земјата од синоќа се воведени повремени рестрикции на струја поради оштетувања на енергетските капацитети.

Ситуацијата за Украинците е особено очајна во регионот на Харков, призна претседателот Володомир Зеленски кој ги откажа најавените посети на Шпанија и на Португалија. Тој, сепак, нагласи дека „Украина ја има контролата“ и повторно побара два противвоздушни система „Патриот“ за заштита на областа од воздушните и артилериски напади на руските сили. Шефот на рефионалната полиција ја спореди ситуацијата во Вовчанск со онаа во Бахмут, Авдиевка и други места кои ги освоија Русите.

Во меѓувреме, падна и селото Буруватка, десетто од кое се потиснати Украинците од почетокот на руската офанзива во петокот.

Блинкен, кој е во посета на Украина, порача дека САД ја приближуваат Украина до НАТО и ќе дополнително ќе ја внесат земјата во Алијансата. Министерот за одбрана на Велика Британија, Грант Шапс потврди дека Лондон му дозволил на Киев да изврши напади врз Крим со британско оружје, а францускиот претседател Емануел Макрон вети испорака на оружје за украинските сили во наредниот период.

Портпаролката на руското Министерство за одрбана, Марија Захарова, пак, порача дека руските сили ќе ја уништат сета западна воена опрема што ја добива Киев. Руското министерство за одрбана соопшти дека се уништени 10 проектили од американско потекло за кои тврди дека Украина ги лансирала ноќеска кон полуостровот Крим.

Поврзани објави
Total
0
Share